Двојни аршини и повреда на кривична постапка од судијата Михајлова

ПОВРЕДА НА КРИВИЧНАТА ПОСТАПКАТА ИЛИ „ДВОЈНИ АРШИНИ„ се сторени на почетокот на судскиот процес во кој му се суди на Никола Груевски за немеирите  пред општина Центар и нарачаните шамари за градоначалникот Жерновски, коментира Коалиција сите за правично судење.
Денес на обвинителна клупа се вели во анализата, се најдоа 14 лица кои се обвинети за малтретирање, грубо навредување, загрозување на сигурност одноно грубо насилство со што во јавноста предизвикувале чувство на несигурност, загрозување или страв односно со кривично правна терминологија – Насилство од чл.386 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.23 од Кривичниот Законик на Република Македонија, но и лица кои со умисла го поттикнале сторувањето на погоренаведеното кривично дело. Меѓу овие 14 обвинети се најдоа и високи челници на сè уште владејачката партија, кои впрочем беа и носители на јавни функции.
Одржано беше рочиште за оцена на докази, рочиште за подготовка на главна расправа, само не беше одржана главна расправа која по Законот за кривичната постапка е предвидено да биде одржана согласно ова кривично дело-чл.386 ст.2 в.в ст.1 в.в чл.23 од КЗ на РМ.
Согласно Кривичниот Законик на РМ се работи за кривично дело за кое е предвидена казна затвор од 3 месеци до 3 години, па оттука и постапувањето на судот по обвинителен предлог, но и во скратена постапка со судија поединец. Она што особено е нејасно и зачудува од теоретски аспект на примена на ЗКП е фактот што денес, не беше одржана главна расправа туку беше вршена подготовка за главна расправа со оценка на доказите.
Имено чл.476 од ЗКП предвидува дека – штом се работи за обвинителен предлог, а оттука и автоматски скратена постапка, “судијата ги повикува на главна расправа: обвинетиот и неговиот бранител, тужителот, оштетениот и нивните законски застапници и полномошници, сведоците, вештаците и толкувачот.” Врз основа на ова е сосема јасен и ставот на СЈО дека нивното присусво на денешното рочиште, беше наменето да биде присуство на главна расправа, со интенција да биде изнесена содржината на обвинението, а понатаму и да се пристапи кон изведување на доказите. Овој законски след на дејствијата е предвиден во чл.480 од ЗКП и кои се однесуваат на одредби од делот Скратена постапка – кој вели дека “главната расправа започнува со изнесување на содржината на обвинението,а започнатата главна расправа ќе се доврши, по можност без прекинување.”
На погорната конфузност помеѓу законската реалност и толкувањето на судот, се надоврзуваат уште и поканите доставени до СЈО и одбраната, кои покани според одредбите наведени во нив, но и правните поуки, несомнено се однесуваат на покани за главен претрес. Сепак, судот пристапи кон примена на чл.347 ст.2 од ЗКП – “Претседателот на советот да ги повика странките да дојдат во определен ден во судот за да ги образложат своите предлози, односно приговори во однос на предложените докази”, кои што одредби повторно упатуваат на редовна, а не на скратена постапка.
Иако на инсистирање на СЈО да се разграничат овие недоразбирања кога веќе е дојдено до нив, и да се појаснат денешните дејствија во постапката, судот одлучи да продолжи со рочиште за подоготовка на главна расправа и да расправа по предлозите на СЈО, како да станува збор за редовна постапка.
Она што остана уште повпечатливо, а е несомнено поврзано со видот на постапката (согласно ЗКП како и видот на кривичното дело станува збор за скратена постапка ,па оттука и непотребноста од ова рочиште за подготовка на главна расправа) е фактот што судот продолжи да го применува чл.347 од ЗКП кој предвидува услови за одбивање на предложени докази. На неколкуте предлози односно докази приложени од страна на СЈО, судот одлучи да ги уважи приговорите на одбраната, па така донесе процесно решение за одбивање на предлог за загрозен сведок, но и одбивање на доказ – аудио снимка од телефонски разговори на кои се базира обвинението.
Во поглавјето за сведоци, ЗКП предвидува заштита на загрозен сведок на главна расправа. Начинот на предлагање на овој сведок и одредбите кои се однесуваат на него се предвидени во чл.228 од ЗКП, но во конкретниов случај бидејќи не се одржа главна расправа како што е определено со закон (според скратена постапка), писмено образложениот предлог за посебниот начин на испитување на загрозениот сведок, СЈО во запечатен коверт му го поднело до судот. Понатаму, предвидено е судот да одлучува за предлогот на јавниот обвинител со решение кое е должен да го донесе најдоцна во рок од 48 часа од приемот на предлогот. Судот тоа го направи уште на денешното рочиште, нормално по кратка пауза со повлекување на судечкиот судија за анализа на доказите и приговорите, меѓутоа со процесно решение, на кое што процесно решение СЈО нема право на жалба (согласно чл.228 ст.3 – против решението на судот не е дозволена жалба.)
Доколку судот постапуваше според закон, по одредбите на скратена постапка како што е и погоренаведено, немаше да дојде до закажување на рочиште за поготовка на главна расправа, на кое што рочиште судот ќе одлучуваше по приговорите на одбраната, на која нормално не и е во прилог да биде испитуван загрозен сведок.
Се поставува прашањето – дали се сторени повреди на постапката или пак судот има „двојни аршини„ за постапување кога станува збор за СЈО наспроти редовното ОЈО. Бидејќи во редовни услови, кога ова не би бил високо профилиран случај, а особено не случај во кој постапува СЈО, за кривично дело за кое е предвидена казна затвор до 3 години, несомнено ќе беа применети одредбите на ЗКП кои упатуваат на скратена постапка и ниту ќе дојдеше до рочиште за подготовка, ниту пак ќе се одлучување по доказите. Судот ќе пристапеше кон одржување на главна расправа, ќе се изнесеа и изведеа доказите и судот по слободна оцена и сопствено судиско убедување, ќе донесеше пресуда.