Дел од Крива Паланка со денови нема вода

Граѓаните се крајно огорчени поради редукциите на вода во Крива Паланка. Велат, живеат како во среден век. Немањето вода со денови, видно ги вознемири и револтира жителите од населбата Маневци во Крива Паланка, кои огорчено раскажуваат дека овој дел од градот, редовно , со години го има проблемот  со недостиг на вода. Ги прашавме како се снаоѓаат во вакви услови.

-„ Никако. Дури и не бевме  информирани дека ќе немаме вода со денови. Многу од нас немаат ништо наполнето.Водата доаѓа само по еден час и тоа со слаб притисок,така што стоиме цело време до чешма за да успееме да наполниме некое шише “.

-“Од каде да знаеме дека ќе нема вода толку време, сега кога народот за време на празници најмногу има потреба од вода ,некој очигледно го малтретира со вакви постапки “.

– “Синоќа дојде во два часот по полноќ едвај успеав да наполнам три шишиња и веднаш потоа ја снема, за вклучување на машина за перење не смеам ни да помислам, дочекавме Нова година неизбањати “.

-“Како да сме во војна.Како пред 100 години, а сакаме во Европа да одиме, вакви, небањати? Ужас ова е навистина страшно “-велат жителите на оваа приградска населба во Крива Паланка.Посебно се револтирани затоа што никој од надлежните не нашол за потребно да ги информира што е причината за редукцијата на вода и до кога  ќе трае.

Меѓу нив се шпекулира дека најверојатно е поради зголемената потрошувачка од страна на несовесните граѓани кои на овие ниски температури ги оставаат отворени чешмите за да не замрзнат, други пак велат дека се работи најверојатно за некој дефект.

Но, сепак се согласуваат во едно дека  е срамота во овој век да нема вода и тоа со денови, без најава зошто, како и до кога.  Велат дека не заслужиле вакви редукции во недоглед, ризик по хигиената, неизвесност, нервози и прашуваат како да ја одржат основната хигиена, зашто водата е незаменлива и нема алтернатива.

Засега надлежните институции најповикани за ова прашање,  дрско молчат, иако граѓаните очекуваат одговор на веќе поставените прашања. Тие бараат трајно решение, а не привремено санирање на проблемот.