ДЕМОКРАТИ го кандидираат Стевче Стевоски за градоначалник на Охрид


,,Заради сите луѓе кои сакаат да се ослободат од близнаците со сто лица, заради потребата да живееме во нормална држава, партијата ДЕМОКРАТИ, после само 6 месеци од регистрирањето, го кандидира Стевче Стевоски за градоначалник на Охрид.
Очекуваме народот да ја оцени и искористи можноста да добие свој, народен градоначалник, кому приоритет во работата ќе му бидат правото, правдата, законитоста и заштитата на секој граѓанин на Охрид.

Стевче Стевоски


Таму, зад параванот никој не гледа за кого заокружуваме, таму зад параванот не смееме да си го изгнасиме образот со некакви возови и вовчиња. Таму зад параванот, со едно кругче околу еден број го трасираме животот. Свој и на своите потомци. Тешко е да се оттргнете од децениските канџи, ама лесно е да се каже доста ни е од заробена држава. Сакаме нормален живот.
Охриѓани, вие сте на потег“, -порачуваат од политичката партија Демократи.

Оваа партија е формирана минатата година во август, а нејзин претседател е Јорго Оненовски.

Има свои канцеларии во Скопје, Гевгелија, Драчево, Тетово и во Битола.

Стевче Стевоски на последните локални избори бече независен кандидат за градоначалник на Охрид, а како што самиот изјави тогаш, бил симпатизер на СДСМ, но се разочарал од политиката на оваа партија.

Работел како инспектор во СВР Охрид.

На 21 април , заедно со претседателските избори, ќе се организираат и локални избори во Охрид и во Дебар, поради смрт на градоначалниците и во Ново Село, поради оставката на градоначалникот по апсењето за шверц со цигари.

Кандидат на СДСМ за градоначалник во Охрид е д-р Константин Георгиевски, а од ВМРО ДПМНЕ д-р Митре Милошевски.