Денеска се навршуваат две години од објавување на првата ,,Бомба“ од аферата ,,Прислушување“

На денешен ден пред две години лидерот на СДСМ Зоран Заев ја објави првата ,,Бомба“ од најголемата афера во историјата на македонската држава.

Заев обелодени скандал во кој биле прислушувани над 20.000 граѓани, високи претставници од власта и од опозицијата, новинари, претставници од невладини организации, од Синодот на МПЦ, ИВЗ, политичари …

Зорана Заев на 09 февруари 2015 година објави дека по наредба на Сашо Мијалков како прв човек на УБК и Никола Груевски како премиер, со години биле прислушувани  огромен број граѓани. Прес конференцијата на СДСМ предизвика досега невиден интерес на медиумите, салата на партијата беше преполна, но и со граѓани, симпатизери на СДСМ кои сакаа во живо да слушнат за најголемата политичка афера.

 

Заев покажа папки од прислушувани разговори на стотици јавни личности, а првите кои ги подели беа на дваесетина новинари. Додека тој говореше до него стоеја Радмила Шекеринска, Петре Шилегов, Андреј Жерновски, Дамјан Манчевски, Стево Пендаровски, Тито Петковски и уште десетина  претставници на опозицијата .

„Ова што почнува како процес за соопштување е најнепријатното нешто што како лидер на СДСМ треба да го споделам и искрено жалам што Република Македонија е доведена во таква срамна ситуација“, изјави Заев пред присутните.

Според документите кои ги подоцна ги објавуваше  опозициската СДСМ, во Македонија биле прислушувани околу 26 илјади луѓе. Единствените двајца во државата кои не биле следени биле премиерот Никола Груевски и првиот човек на УБК и негов братучед, Сашо Мијалков.

Поради тоа, СДСМ најави поднесување кривична пријава против Мијалков, против началникот на 5-та управа во МВР, Горан Груевски како и против непознати лица во УБК.

Заев тогаш тврдеше дека тој бил непрекинато прислушуван во последните четири години, иако според законот, најдолг период за прислушување на одредено лице е 14 месеци и тоа со дозвола на судија или јавен обвинител. За време на пресот јавно беа презентирани неколку прислушувани разговори на Заев од кои еден со новинар, еден со вработен во општината и еден со неговата малолетна ќерка.

 

Освен разговори на лидерот на СДСМ, презентирани беа и разговори кои меѓусебе ги воделе министрите за внатрешни работи и финансии, Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески, а во кои неформално беа споменувани и премиерот Груевски, координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, а се разговарало и за вработувања на партиски членови. Меѓу бројните прислушкувани биле и лидерот на ДУИ Али Ахмети, опозиционерите Мендух Тачи и Руфи Османи, како и експремиерот Љубчо Георгиевски.

Според обемот и опфатот на снимениот материјал такво нешто можело да се изведе само со софистицирана опрема, а разговорите можела да ги следи само домашна служба.

Прислушување не е можно без учество на УБК и мобилните оператори.

СДСМ објави 36 ,,Бомби“, а останатиот материјал од прислушуваните стотици илјади разговори беа предадени на СЈО.

„Бомбите“ предизвикаа повеќе протести, меѓу кои и тој на 5 мај, по „бомбата“ за Мартин Нешкоски, кој заврши насилно и со уапсени, како и најголемиот, на 17 мај, организиран од опозициската СДСМ и коалицијата „Граѓаните за Македонија“. Веднаш по овој протест беше организиран и „Камп на слободата“ пред Владата, а во меѓувреме се одвиваа и разговори помеѓу четирите најголеми политички партии кои резултираа со Договорот од Пржино, постигнат на 2 јуни и 15 јули.

Оставки си поднесоа Јанкулоска, Јанакиески и Мијалков, а како дел од првиот пржински договор следуваше и техничка Влада за организација на изборите со учество на опозицијата, како и оставката на Груевски и техничкиот премиер Емил Димитриев.

Една од точките на Договорот беше и Специјалното обвинителство кое беше формирано на 15 септември 2015, на чело со обвинителката Катица Јанева, а кое ги истражува „бомбите“ и евентуалните криминали во нив.

Политичката криза која резултираше по објавувањето на аферата се уште трае.

АКО.мк