Ден на македонскиот јазик во Романија

Во присуство на високи претставници на романските државни институции, сенатори, пратеници, претставници на Друштвото на македоците во Романија и други поканети гости, претставници на други национални малцинства, заедно со македонската делегација предводена од министерот во Владата на Република Македонија задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми се прослави „Денот на македонскиот јазик во Романија“, во просториите на Дипломатскиот клуб во Букурешт.

На настанот свое излагање имаа пратеничката на Македонците во парламентот на Романија, Мариана Венера Попеску, министерот Едмонд Адеми, поранешниот министер за правда и надворешни работи на Романија и актуелен сенатор, Титус Корлатеан, директорот на Агенцијата за иселеништво, Никола Шалваринов, Амбасадорот на Република Македонија во Букурешт, Габриел Атанасов и претседалката на Друштвото на македонците, Лаура Елен Рогобете Кристеску.

Од излагачите беше констатирано дека Македонците во Романија претставуваат мост за соработка и зачувување на традиционалното пријателство меѓу двете земји и двата народи, како на институцинален така и на национален, културен, јазичен план, за вистинско зачување на националниот идентитет, култура и изворното зачувувањето на традицијата.

Министерот Едмонд Адеми, нагласи дека Македонците во Романија, се мотивирани со верба во знаењата на Конески, но и од духовната упорност и од трпението на Свети Климент, како и од визионерството на Крсте Петков Мисирков и на целата редица македонски дејци и просветители, кои го одбранија заслуженото место на македонскиот јазик како посебност во светската ризница на јазиците.

Министерот Адеми изрази надеж дека Денот на македонскиот јазик во Романија, ќе продолжи да биде традиционален настан секоја наредна година, превземените обврски денес беспрекорно ќе ја играат својата историска мисија во просперитетот на Македонците во Романија, за сегашните и идните генерации.

На свеченоста, се истакна дека Романија претставува постојан поддржувач на фундаменталните национални интереси на Република Македонија во насока на евроинтеграциите, регионалната соработка и целокупната стабилност, економскиот и социјалниот просперитет на сите земји од Западниот Балкан.

Беше нагласено дека Романија од 1 јануари 2019 година за време на шестомесечното претседавање со ЕУ, ќе биде главен соговорник за членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Посебно се истакна поддршката за активностите на Владата на РМ во реформските активности како и добивање на датум за започнување на процес за преговори на Македонија за полноправно членство во ЕУ.

За време на настанот „Ден на македонскиот јазик“, од членовите на Друштвото на македонците во Романија имаше богата културно-уметничка програма со изворни народни песни и ора и изложба на слики со мотиви од Македонија.