Деспотовски: Сопругата ми кажа да изгледам дека сум горд на тоа што го правам

,,Кога доаѓав наваму, сопругата ми се јави за да ми каже да изгледам дека сум горд на тоа што го правам и јас сум навистина горд“.

Со овие зборови ја отвори прес конференцијата директорот на Фонд за иновации, Јован Деспотовски, обидувајќи се на тој начин да и даде ноншалантност на прес конференцијата на која, како што рече, ќе се обиде да ни објасни каков е овој нов процес на финансирање за иновативност.

Тој рече дека тоа ќе го прави онолку колку што треба за да ни се разјасни, бидејќи ова е нешто ново и логично е сите да не го сфаќаат.

Деспотовски не покажа знаци дека чувствува некаква одговорност, туку рече дека целиот процес бил транспарентен, а странски експерти ја направиле евалуацијата за добитниците.

Тој ги повика сите компании од првиот инвестициски бран во рок од 15 дена да достават изјави дали имаат некој во сопственичката структура што е носител на функција.

Доколку има, тој ќе побара Комитетот што ги донел одлуките пак да ги разгледа апликациите на тие компании.

За следниот инвестициски повик, ќе се бара изјава дали во сопственичката структура има лице носител на јавна функција.

Својата вина и вината на оваа Влада е што се охрабриле да воведат нешто ново, рече Деспотовски.

Ајде да се учиме на грешките, рече тој.

Тој ја разбира реакцијата на јавноста, затоа што во изминатите 11 години сме се изнагледале злоупотреби.

,,Не е мое да кажам дали има конфликт на интереси“-рече директорот на Фонд за иновации, како одговор на прашањето што мисли во врска со тоа што фирми што добиле грантови се во бизнис релации со некои актуелни функционери.