Детали како Трансмет и Силекс се стекнале противправно со 17 милиони евра

СЈО ќе побара притвор за сопствениците на ,,Трансмет“ Сеад Кочан и на ,,Силекс“ Неметали СТ ДООЕЛ  за фалсификување документи заради учество на тендер од кој подоцна се стекнале со 17 милиони евра нелегални добиени пари. Тие со измама на државата поднесувајќи лажни документи, мамеле  дека ги исполнуваат условите од тендерот за ископ на руда во ,,Суводол“- Битола, а потоа ЕЛЕМ преку тогашниот директор Влатко Чингоски им го овозможиле тоа.

Во продолжение сите детали од прес конференцијата на СЈО на која обвинителката Фатиме Фетаи ги изнесе сомнежите за злоуотреба на службени положби и функција :

,,Денешниот предмет – отварање на истражна постапка под работен наслов „Труст“ ќе Ви покаже до каде одела борбата со конкуренцијата, за добивање на тендери и огромни парични средства и, како еден конзорцииум со фалсификувана документација успеал да добие тендер, па и анекс на тој тендер и „заработил“ 1.060.000.000,00 денари, пари на граѓаните на Република Македонија или 17.235.772 евра.

Предистражната постапка е отпочната врз основа на содржината на три разговори од прислушкуваните разговори доставени во ова обвинителство, од кои два не се објавени во јавноста, чија содржина упатува на сомнение за законитоста на јавната набавка за ископ на јаловина и јаглен од Суводол – Битола. Јавната набавка, предмет на оваа истрага е реализирана врз основа на оглас од 07.10.2011 година од страна на АД Електрани на Македонија Скопје, а разговорите се случени на 03.08.2011 година и на 06.10.2011 година.

Конкретно, постои основано сомнение дека на 14.11.2011 година во Скопје, првоосомничениот како одговорно лице-управител на осомниченото правно лице „Транс Мет“ ДОО Скопје, второ осомничениот како застапник на осомниченото правно лице СИЛЕКС НЕМЕТАЛИ СТ“ ДООЕЛ Кратово и трето осомничениот како управител на осомниченото правно лице „ВАТО“ ДОО Скопје, свесно ги повредиле прописите за постапката за доделување на договор за јавна набавка и му овозможиле на конзорциумот противправна имотна корист ефектуирана во неколку милиони евра.

Имено, доказниот материјал упатува на основано сомнение дека заради изигрување на постапката за доделување на договор за јавна набавка, истите кон пријавата за учество во прва фаза од постапката за јавна набавка како доказ за поседување на техничка опрема за извршување на предметната набавка, што е неопходен услов за учество и квалификување во втора фаза од постапката во набавката, доставиле невистинита документација за сопственост на механизацијата.

Кривично – правната заштита на употребата на невистинита документација при учество на тендер, законодавецот во кривичниот законик ја предвидел како кривично дело во членот 275-в. Квалификаторен елемент, или отежителна природа на делото му ја дава евентуалната имотна корист прибавена од добивање на тендер со невистинита документација. Во конкретниот случај, доказниот материјал упатува на основано сомнение дека конзорциумот прибавил имотна корист од поголеми размери.

Постои основано сомнение дека како доказ за сопственост на механизација правното лице Транс Мет преку управителот доставило невистинита документација, меѓукои договори за наводна купопродажба на механизација, фактури за наводно купена механизација, договор за финансиски лизинг на Дробилица, со која прикажал дека е сопственик и ја поседува дробилицата со бараните карактеристики во тендерската документација, иако предметната дробилица фактички била со помал капацитет од бараната во тендерската документација, како и невистинита документација за кадровска екипираност, а сите овие докази се неопходен услов за да воопшто и се учествува во постапката за јавна набавка.

Доказите упатуваат на основано сомнение дека второосомничениот во име на осомниченото правно лице ДРГ „СИЛЕКС НЕМЕТАЛИ СТ“ ДООЕЛ Кратово, како доказ дека тоа правно лице поседува техничка опрема, кој е еден од неопходните услови за учество и квалификување во втора фаза од постапката во набавката, доставил невистинита документација за сопственост, и тоа, фактура за наводна продажба на 6 дампери од страна на СИЛЕКС НЕМЕТАЛИ кон СИЛЕКС НЕМЕТАЛИ СТ-член на конзорциумот и невистинита документација за кадровска екипираност.

Постои основано сомнение и дека третоосомничениот, како доказ дека правното лице ДТГТ „ВАТО“ ДОО Студеничани-Скопје, како подизведувач на член на Конзорциумот поседува техничка опрема, кој е еден од условите за учество и квалификување во втора фаза од постапката во набавката, доставил документација за сопственост, и тоа, договор за купопродажба на дробилица, на турски јазик,  со која прикажал дека ја поседува дробилицата со бараните карактеристики во тендерот, иако предметната дробилица фактички била со помал капацитет од бараната во тендерот и воедно прикажал дека е мобилна, како што всушност барал тендерот, а таа фактички е статична дробилица.

 Доказите упатуваат на основано сомнение дека Комисијата за јавна набавка и стручната комисија врз основа на целокупната невистинита документација оцениле дека Конзорциумот ги исполнува условите, па по извршеното бодирање на економските оператори пријавени на огласот, Комисијата за јавна набавка, изготвила Извештај за спроведена постапка за јавната набавка за избор на квалификувани кандидати во втората фаза од постапката и одговорното лице на АД „ЕЛЕМ“ Скопје, донел одлука со која Конзорциумот Трансмет ДОО Скопје и Силекс Неметали СТ ДООЕЛ Кратово е избран за квалификуван кандидат во втората фаза од постапката.

Потоа, првоосомничениот во име и за сметка на Носителот на група-осомничените правни лица „Транс Мет“ ДОО Скопје и „Силекс Неметали СТ“ ДООЕЛ Кратово, доставил Понуда, по што од страна на АД „ЕЛЕМ“ Скопје, е донесена Одлука за избор на најповолна понуда и бил склучен Договор помеѓу АД Електрани на Македонија во државна сопственост Скопје како нарачател и Друштво за градежништво, транспорт и трговија ТРАНС МЕТ ДОО Скопје, како Извршител.

Од сето ова произлегува основано сомнение дека тројцата осомничени со нивните дејствија за Конзорциумот оствариле имотна корист од поголеми размери, во вкупен износ од 1.000.000.000,00 денари. Дополнително, имајќи предвид дека на основ на овој договор, склучен на база на невистинита документација е склучен и анекс на износ од 60.000.000,00 денари, произлегува основано сомнение дека осомничените за Конзорциумот оствариле противправна имотна корист од поголеми размери, во вкупен износ од 1.060.000.000,00 денари без ДДВ, или како што наведов 17.235.772,40 евра, која сума целосно е исплатена од страна на ЕЛЕМ спрема конзорциумот.

Од тие причини постои основано сомневање дека осомничените сториле по едно кривично дело-Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од чл.275-в ст.3 в.в. ст.1 од Кривичниот законик. Потенцираме дека осомничени се и трите правни лица во чие име делувале осомничните физички лица“.

Фото:Фактор