Дејан Бошковски згрижен во Регулаторна комисија

Владата на Собрание на РМ му предложи Дејан Бошковски, поранешен генерален директор на ЕЛЕМ и Претседател на Управниот одбор, да го именува за член на Регулаторна комисија. Во дописот до Собрание, каде што треба и да се верификува ова именување, стои дека Влада на РМ ги разгледала пријавите на пет кандидати, од кои три биле неуредни и две уредни. Двајцата кандидати со уредни документи, според владата , се именувани за членови на Регулаторна комисија.

Тоа се м-р Дејан Бошковски и Енвер Ељмази. Во условите стои дека најмалку една година пред изборот за член во Регулаторна комисија за енергетика да не биле членови на надзорен или управен одбор или одбор на директори во друштво кое врши регулирана енергетска дејност, односно дејност управување со води.

Инаку, од членовите на Регулаторна комисија се бара да поседуваат меѓународно признати сертификати за познавање на англиски јазик како што се ТОЕФЕЛ,ИЛЕЦ и други. Овие сертификати се стекнуваат со исклучително тешки тестови, кои се проблем и за сопственици на дипломи по англиски или многу добри познавачи на англискиот, посебно неговата граматика.

На Бошковски 4 – годишниот мандат како генерален директор и претседател на Управен одбор во ЕЛЕМ му истече пред две недели. Претходно работел во МЕПСО.

На негово место во ЕЛЕМ дојде Христијан Мицкоски, професор на Машинскиот факултет при УКИМ и советник за енергетика на претседателот на Владата на Република Македонија.