ДИК има 48 часа да одлучи за приговорите на СДСМ и на БЕСА

Правниот тим на СДСМ поднесе 8 приговори за текот на гласањето и сумирање на резултатите и исто толку БЕСА.

ДИК е должна во рок од 48 часа по приемот на секој приговор да донесе одлука. Против одлуката на ДИК, подносителот на приговорот може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа.

Конечните резултати од предвремените парламентарни избори 2016, ДИК ќе ги соопшти веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа после завршувањето на целата постапка по приговори.

Целата постапка треба да заврши до 20 декември.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев најави дека тие ќе приговараат за недоследности во запишувањето и евидентирањето на гласови во шестата ИЕ, каде може со прегласување да добијат уште едно пратеничко место со што би добиле вкупно 50, во тој случај исто како и ВМРО ДПМНЕ.

БЕСА пак, приговара за 2 ИЕ, каде тврдат дека им се одземени едно или две пратенички места.

ВМРО ДПМНЕ пак од своја страна го повикаа Заев да му ја честита победата на Груевски, која според нив, била кристално чиста.