Диме Спасов најавува покачување пензии пред избори

Дополнителниот заменик министер за труд и социјална политуика, откако не поднес оставка за недозволивото однесување по направената сообраќајна несреќа и бегството со службениот џип од местото на инцидентот и од полицијата, предизборно ќе дели зголемување на пензиите.

Тој, тивко, со мала поддршка и од провладините медиуми, најави зголемување на пензиите и тоа за првата недела од декември, токму пред изборите.

,,Со зголемувањето на пензиите за пет проценти што ќе се реализира во првата недела од декември, просечната пензија во Република Македонија ќе изнесува 13.750 денари. За споредба, во 2006 година просечната пензија во нашата држава изнесуваше околу 7.680 денари, изјави денеска дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов.

Според него, ова е уште една потврда за реализација на мерките и проектите на Владата на РМ за директно подобрување на животниот стандард на пензионерите. Најави дека и во иднина ќе се продолжи со реализација на, како што рече, реални и остварливи проекти, со кои континуирано ќе се подобрува животниот стандард и на пензионерите, но и на сите граѓани”–рече Спасов.

Спасов се уште ја извршува функцијата во техничката влада, но не се најде на пратеничките листи на ВМРО ДПМНЕ.

Министерката Фросина Ременски и денеска потсети дека Министерството за труд и социјална политика не може да го најде договорот кој на Диме Спасов му овозможил да управува со службениот „Туарег“ на Агенцијата за вработување. Инаку, извесен период, директорот на Агенцијата тврдеше дека Спасов имал такво овластување.

„Надлежните служби ги проверуваа сите договори склучени од август до октомври минатата година, но таков документ не најдоа. Ако навистина има таков договор, логично е да има еден примерок и во МТСП“ – вели Ременски.

Од Министерството за труд и социјала велат дека договорот не можат да го добијат ниту од Агенцијата иако пред две недели упатиле такво барање. Ременски се сомнева дека таков документ воопшто и постои.