Диме Спасов со службено возило и алкохолизиран направи сообраќајка

На улица ,,Алжирска” во населбата Карпош, дополнителниот заменик министер за труд и социјала, Диме Спасов  направил сообраќајна несреќа. Тој, според неофицијалните информации од МВР, со службен автомобил џип Туарег удрил во неколку паркирани возила, а потоа избегал од местото на несреќата. По Спасов во текот на ноќта трагаа единиците за специјална намена Алфи.

Во службениот џип најверојатно се наоѓал уште еден сопатник, женско лице, но таа останала на местото на несреќата.

Возилото марка ,,Туарег” најверојатно припаѓа на Агенцијата за вработување.

Уште нема никаква реакција за овој скандал од матичната партија на функционерот ВМРО ДПМНЕ, ниту од државната институција каде Диме Спасов работи- Министерство за труд и социјална политика.

Се очекуваат официјални информации за инцидентот и од МВР.

Диме Спасов е дополнителен заменик министер во Министерство за труд и социјала, претходно неколку години беше најмладиот Министер во оваа институција.

Сега со ова министерство како дел од техничката влада раководи кадар на СДСМ Фросина Ременски.