Диме Спасов тврди дека полицијата го „мести“

Дополнителниот заменик министер во Министерството за труд и социјална политика смета дека случајот е класична местенка од страна на опозицијата.

Чекал транспарентна и чесна истрага од страна на МВР, но кога тоа не се случило решил да се обрати на јавноста.

„Извештајот на министерството повеќе личи на партиски отколку на полициски извештај. СДСМ го злоупотреби МВР за да направи смислено сценарио и криминална полициска местенка за да се наштети на мојот углед и на мојата чест“, изјави Диме Спасов во интервју на ТВ „Нова“

Спасов тврди дека тргнал од градскиот стадион кон улицата Илинденска, потоа свртел лево кај Зоолошката градина и чекал да се вклучи зелено светло.

Додека чекал на семафорот, непознато лице се приближило до неговото возило и се обидело да ја отвори вратата од службениот „туарег“, заканувајќи му се.

Бидејќи се почувствувал загрозен, продолжил да вози, ги поминал семафорите и застанал кај фабриката „Треска“. Таму до возилото се приближиле две лица и повторно му се заканувале по животот и се обиделе да ги отворат вратите на „туарегот“.

Застанал кај Агенцијата за катастар, а таму од возило излегле две вооружени лица со пиштоли. Како што објасни Спасов, тој бил турнат на „туарегот“ и во него било вперено оружјето.

Се обидел да разговара со напаѓачите, но потоа стигнало полициско возило. Напаѓачите се повлекле, но се собрале повеќе лица од кои повеќето биле неуниформирани и дел од нив му се заканувале.

„Бидејќи заклучив дека станува збор за местенка, го напуштив местото на настанот“, заклучи Диме Спасов.