Димитриевски: Времето ќе покаже кој бил во право, сега е потребно целосно обединување

По низата критики и коментари во кои искажа сомневање дека некој намерно го ,,мести“, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, денеска објави помирувачка порака, потсетувајќи се на 27 април и случувања во Собрание.

,,27ми Април
Да се потсетиме, никогаш да не се повтори!
Времето ќе каже кој бил прав, сега е потребно целосно обединување!“-напиша Димитриевски на својот Фб профил.

Тој претходно напиша друг, подолг пост, во кој реагира на прес конференцијата на директорката на Државен санитарен и здравствен инспекторат, на која беа објавени резултатите од контролата направена по тврдењето на градоначалникот дека го држат затворен иако неговите резултати направени потоа во приватни лаборатории покажале дека не е позитивен на коронавирус.

Бухова на вчерашната прес конференција објави дека се прекршени бројни протоколи и дека Димитриевски го прекршил решението за домашна самоизолација.

Таа исто така кажа дека еден од тестовите направен во Систина покажал присуство на антитела на КОВИД 19, што значи дека тој претходно бил позитивен на коронавирусот, како што впрочем прв објави самиот градоначалник.