Димитриевски и МВР со различни верзии кој кого нападнал

Вчера беше направен класичен упад на нашата семејна забава од видно алкохолизирани лица на која и претходеше вербална расправија со напаѓачите и резултираше со физички напад, изјави пратеникот на СДСМ, Максим Димитриевски.

– Добивам информации дека напаѓачите се од редовите на МВР, а би сакал да ги повикам вистинските професионалци во МВР да го расветлат случајот. Дали надлежните служби ги идентификувале и им направиле алкотест на тие лица? На нападот му предходеа класични провокации на политичка основа. Се сомневам дека лицата се од Куманово, но во интерес на истрагата не би коментирал повеќе од тоа – рече Максим Димитриевски . Тој претходно објави дека на семејна прослава во Куманово бил нападнат од неколку гости во кафеаната , кои имале пиштоли и биле полицајци, но без униформи.

МВР истовремено излезе со информација и објави дека му поднеле пријава за напад на друголице на Максим Димитријевски.

Според МВР,  синоќа околу 01 часот во СВР Куманово телефонски се јавило лицето М.Б. – вработен во ресторан „Палас“ во Куманово и пријавил нарушување на јавниот ред и мир. Веднаш потоа лицето З.А телефонски пријавил дека во наведениот ресторан, неговиот син В.А физички бил нападнат од страна на М.Д од Куманово, кој во два наврати му удрил тупаници во пределот на лицето при што му нанел видливи повреди.

„Полициските службеници од СВР Куманово излегле на местото на настанот и констатирале дека оштетениот со своите пријатели бил гостин во ресторанот и на музиката им порачал одредена песна, но по кратко време кога музиката престанала, истиот се упатил кон оркестарот за да праша зошто запреле, и му се приближило лицето М.Д кој исто така бил на семејна прослава, и во присуство на повеќе гости го удрил во пределот на лицето два пати со што му нанел телесни повреди. При превземање на потребните мерки и активности обезбедени се лица сведоци кои биле присутни за време на настанот кои го потврдуваат истиот. Пријавениот настан е расчистен и против сторителот М.Д ќе биде поднесен соодветен поднесок“, информира МВР.

Во целиот случај се вмеша и ВМРО ДПМНЕ со своја реакција.

,,Насилството на криминалците и предавниците од СДСМ мора да биде санкционирано!

СДСМ се претвори мафијашка структура која веќе нема никакви допирни точки со македонскиот народ.

Врв на криминалното и насилничко однесување на злосторничкото здружение околу криминалецот Зоран Заев е вчерашниот срамен физички напад од страна на пратеникот Максим Димитриевски. Насилникот Димитриевски, без никаков повод и причина се дрзнал со тупаници да нападне и да се пресмета со 23 годишно момче само заради тоа што не му се допаднала македонската песна која што била нарачана.

Овој скандал мора да се расчисти до крај.

СДСМ е уценет и избезумен. СДСМ гледа дека македонскиот народ ја отфрла Тиранската Платформа и дека нема да дозволи криминалецот Заев да го испорача тоа што го ветил. Тиранска Влада нема да се формира“-се вели во реакцијата на ВМРО.