Димитриевски по интервјуто на Заев: Во ЕУ само како достоинствени Македонци со сопствена генеза

Не стивнуваат реакциите по вчерашното скандалозно интервју на премиерот Зоран Заев, за бугарската агенција БГНЕС. Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, испровоциран од својот партиски лидер, на ФБ профилот напиша:

,,1.Гоце Делчев е темелот и душата на нашата државност. Македонец со јасна визија за самостојна Македонија.

2. Секој јазик е суштината за постоење на еден народ. Македонскиот јазик ниту бил ниту ќе биде дијалект, има своја посебност и кодификација, признаен, потврден и верификуван во светот.

3. Македонија беше окупирана и поделена во Втората светска војна од фашистичка Германија, Бугарија и Италија. Македонскиот народ и партизаните се кренаа на востание и во коалиција со антифашистите извојуваа победа над окупаторот. Куманово е ослободено на 11-ти ноември (Сабота) 1944 година од страна на 17-та и 18-та Македонска партизанска бригада. Куманово во НОБ даде над осумстотини партизански жртви и двојно повеќе цивили (наведени во спомен зборникот 1941 – 45).

Одлуките на АСНОМ и АВНОЈ ја потврдија државноста на Македонија, а ние како рамноправен народ за првпат добивме можност да формираме своја сопствена држава во рамки на Титовата федерацијата од која подоцна произлезе независна и суверена Македонија.

4. Македонскиот народ и држава имаат сопствена историја која е дел од светската историографија, заедно чествуваме и одбележуваме заеднички настани и личности со сите пријатели, но само со взаемно почитување и уважување.

– Сите обиди да се изместат фактите се само една реприза од минатото која се повторува на Балканот, но како и да е фактите остануваат и не се менливи“-пишува Димитриевски како одговор на интервјуто на Заев.

,,Влеговме во НАТО, чекориме кон ЕУ, таму е нашето место, само како достоинствени Македонци со своја сопствена генеза“-му реплицира градоначалникот на Куманово на својот партиски шеф.