Димитров вели дека СДСМ лажно го обвиниле

По вчерашните обвинувања од страна на ОО на СДСМ Кавадарци дека постојат сериозни индиции за директорот на средното училиште Благој Димитров дека бил вмешан во криминал, а против него имало и правосилна судска пресуда за насилство врз ученик од 2009 година , со реакција се јави и директорот на СОЗШУ Ѓорче Петров.

Според Димитров ваквите лажни обвинувања на СДСМ се со цел да се деградира личноста на директорот и угледот на училиштето и партијата на која припаѓа. Во прилог на тоа тој достави и доказ дека уверението од Основен Суд Кавадарци било уредно издадено на 29.07.2014г и дека за него нема обвинителен акт кој влегол во правна сила и ниту пак била донесена неправосилна осудителна пресуда.

Во врска со обвинувањата за наместениот тендер за набавка на трактор и приклучни машини (во вредност од 12.000 евра),тој рече дека по барање на активот од земјоделската струка на наставнички совет била донесена одлука, според која, средствата од лозовата економија и субвенциите наменски да се потрошат со набавка на трактор и приклучни машини.

– „Со одобрување на училишниот одбор и добиената согласност од советот за јавни набавки распишан е тендер и извршена е набавката. Врз основа на претходни обвинувања за истиот предмет извршен е и увид од Државен просветен инспектор при што е констатирано дека нема повреди од страна на директорот и училиштето во однос на предметот“,тврди тој.

Билјана Н.Тошевски