Димитров: Наша работа е да создадеме шанса, на граѓаните е да се изјаснат на референдум(видео)

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, од Берлин по средбата со германскиот министер за надворешни работи, најави дека претстојните денови ќе се потпише договорот за името во присуство на високи претставници од меѓународната политика. Тој во интервју за Дојче Веле на македонски јазик, рече дека граѓаните на референдум ќе се изјаснат дали ја прифаќаат шансата што ја создадоа политичарите.

,,Сите ние во Македонија треба да се најдеме заедно на еден основен постулат, без разлика какви ставови имаме за нацрт-договорот со Грција. Сите сакаме Македонија да оди напред, сите сакаме нашиот идентитет да биде заштитен. Полесно ќе разговараме за разликите ако се најдеме на овој постулат. Македонија можеше или имаше шанса да извлече повеќе во изминатите години, но не најдовме храброст да се решиме со оваа котва што не влече надолу и сега  има Влада што се реши сериозно да влезе во решавање на овој проблем, без притоа да го наметне решението, туку да го понуди на граѓаните. Ниту јас, ниту премиерот, ниту претседателот, ниту Собранието, не можеме да го замениме референдумското изјаснување на граѓаните, бидејќи се работи за нивната иднина.

Мора да се однесуваме државнички, со една историска дистанца, не ни помага карањето. Мислам во историско време мора да се однесуваме историски, не може да мислиме само на себе и на својата политичка иднина, преголемо е ова прашање.

Јас секој ден ќе ја испраќам оваа порака, и Владата исто така, време е за лидерство. Со тоа што  шансата што ја создадовме , за да им овозможиме на граѓаните да се изјаснат. Никому не е лесно.

Доколку има алтернативни патишта за иднината на земјата, убаво е да ги чуеме„-изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров, за Дојче Веле на македонски јазик, по средбата со неговиот германски колега.