Димитров: Отворање на преговорите со усовршен пристапен процес

,,Ги поздравуваме напорите на ЕК за подобрување на пристапниот процес. Новата методологија придонесува за зајакната политичка димензија, но исто така и за повеќе динамизам, предвидливост и кредибилитет на процесот. Веруваме дека овој обновен пристап ќе резултира со двојна победа во наредните недели: отворање на преговорите во рамките на усовршен пристапен процес.

Ние, во регионот, немаме од што да се плашиме од воведувањето на реверзибилноста. Најпосле, пристапниот процес постои да ги трансформира реалностите на теренот кон подобро. Повеќе бенефиции за реформаторите и повеќе санкции за тие кои одат назад врз основа на кредибилна објективна оценка за напредокот е чекор напред. Крајно време е за лансирање на здрава реформска конкуренција во нашиот регион“.

Ова е реакцијата на македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, по објавената нова методологија за пристапување на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

Кредибилност, предвидливост, динамика и посилно политичко управување, ова се четирите принципи на кои се базира новата методологија што ја претстави еврокомесарот Оливер Вархеи.

Поделени во тематски групи или таканаречени кластери, опфатени се поглавја за правда, надворешни работи, безбедност и слобода, реформа на јавната администрација, слобода на медиуми и стабилна економија. Но клучен дел ќе биде владеењето на правото со кое се предвидува да започнат и да завршат преговорите за членство во ЕУ.

Новина же биде процесот на реверзибилност, што значи дека доколку земјата преговарач не ги исполни дадените задачи, ќе може да биде вратена назад.

Сега, откако ќе биде завршена расправата по текстот на новата методологија, сите земји членки треба со консензус да ја прифатат.