Димитров-Ѓорѓиев: Македонија и Бугарија заеднички да ги слават Кирил и Методиј и Григор Прличев

Копретседавачите на македонско-бугарската комисија за надминување на историските разлики меѓу двете земји, објавија од Софија дека се договориле да им предложат на Владите на Македонија и на Бугарија да се прославуваат заеднички денот на сесловенските просветители Кирили и Методиј и името и делото на Григор Прличев.

Двајцата претседатели на македонската и на бугарската комисија Драги Ѓорѓиев и  Ангел Димитров, на заедничката прес конференција, изјавија:

„Со нашите колеги од Република Македонија се согласивме од научна гледна точка да оправдаме зошто нашите две влади треба да продолжат да го слават заеднички Денот на светите браќа Кирил и Методиј“, објасни претседателот на бугарска комисија, историчарот и поранешен бугарски амабасадор во Македонија, Ангел Димитров, по третото заседание на заедничката комисија.

Постигната е согласност и да се предложи во двете држави да биде почитуван и одбележан Григор Прличев, човек со исклучителни заслуги за културниот и општествениот развој, рече тој.

„Направивме сериозни напори да ги доближиме позициите околу интерпретацијата на средновековната историја и особено на личноста на Цар Самоил. Разговорите беа долготрајни и сериозни, професионално коректни, тешко доаѓаме до заедничка позиција, но не сме кренале раце“, вели Димитров.

Свесни се дека тешко се надминуваат разликите и се прифаќаат промени, но:

„Ние треба да направиме чекори кои ќе ги убедат општествата и во двете земји за корист од таквите промени. Останувам со надежта дека ќе продолжиме и натаму и оти резултатите ќе бидат задоволителни“, вели Димитров.

Драги Ѓорѓиев, директор на Институтот за национална историја во Скопје, кој е копретседател на Комисијата на Република Македонија, рече дека на средбата во Софија имало позитивна атмосфера и желба за соработка.

„Задоволен сум од средбата и се враќам со позитивна енергија во Република Македонија“, рече Ѓорѓиев.

Тема на наредните средби ќе бидат историските учебници, а забелешките ќе бидат ставени на маса пред претставниците на комисиите, пренесува бугарската новинска агенција, БТА.

Македонската јавност досега за сите информации околу работата на македонско-бугарската комисија ги добива преку бугарските медиуми.