Дисциплински постапки за службениците во Министерство за култура за поништен конкурс

Како што соопшти Министерството за култура на Република Македонија, Конкурсот за откуп на класични композиции за 2017, објавен на 06.04.2017 година, во весниците „Нова Македонија“ и „Лајм“, се поништува поради административни пропусти во неговото спроведување. Министерството за култура ќе го повтори овој конкурс, а на него ќе имаат право да учествуваат и апликантите од поништениот конкурс. 

Имено, при увид во доставената документација и предлог – одлуката на Комисијата за резултатите по објавениот Конкурс, констатирано е следното:

-Конкурсот траел до 31.10.2017 година. Во  точка 10 од Конкурсот стои дека по Конкурсот ќе се одлучува во рок од 45 дена, а за Конкурсот решение ќе се донесе во согласност со Законот за културата. Резултатите од Конкурсот за секоја одделна категорија ќе бидат објавени до крајот на декември 2017 година. Во Конкурсот стои дека пријавите се доставуваат под шифри за да не се открие идентитетот на авторите до извршениот избор на најдобри композиции. (Точка 6 – начин на доставување пријави на Конкурсот).

-Согласно Законот за култура, член 65 ставови 2,3 и 4, министерот за култура одлучува по Конкурсот на предлог на Комисијата, со донесување на решенија, а резултатите потоа се објавуваат на веб – страницата на Министерството за култура.

Комисијата за разгледување на пријавите од Конкурсот, ги разгледала пријавите и изработила Записник од 29. 12.2017 година – бр.19-11 273/8, во кој ги сумирала резултатите од направената евалуација на доставените пријави. На 18.01.2018 година, по доставена предлог – листа на резултати од страна на комисијата, истите се објавени на веб – страницата на Министерството за култура. Во овој случај, објавените резултати на веб – страницата се всушност предлози на комисијата, а не финални резултати, бидејќи за истите министерот за култура не донел решенија.

По увидениот пропуст, објавата беше тргната од веб – страницата на Министерството. Објавената информација не претставува објавување на резултати од Конкурсот според законските прописи и  затоа истата треба да се смета за неважечка.

Тргнувајќи од констатираните административни пропусти, Министерството за култура го поништува конкурсот заради формално – правни недостатоци и ќе го распише повторно, за што јавноста ќе биде благовремено известена, велат од ова министерство.

Сојузот на композиторите на Македонија-СОКОМ, реагираше затоа  што од Министерството за култура се уште не добиле одговор зошто композициите избрани на Конкурсот за откуп на нови музички дела распишан во април минатата година биле објавени, а потоа и повлечени од веб-страницата на Министерството на 18 јануари годинава.

– Наспроти досегашната пракса од изминатите конкурси, да се достават решенија и договори до наградените автори во роковите законски определени од самото Министерство, тоа досега не е направено од причини кои нам сѐ уште не ни се познати. Поради тоа се обраќаме до Министерството надлежно за спроведување на Конкурсот со барање постапката без понатамошно одложување да се доврши и да се достават договори до наградените автори согласно објавените резултати – реагира СОКОМ.

Сојузот во допис до медиумите се жали и што министерот за култура десет месеци, како што наведуваат, одбива средба со претставници на најстарото и најзначајното здружение – Сојузот на композиторите на Македонија.

Молкот за резултатите од нивниот Конкурс покажува дека Министерството нема капацитет за спроведување на нивните декларативни заложби за унапредување на музичкото творештво, ниту капацитет за почитување на законските прописи и нивните сопствени конкурсни објави. Авторите-добитници на наградите алармираат дека ваквите непрофесионални и неетички постапки на министерот за култура Роберт Алаѓозовски ќе остават црна дамка врз работата на службите и комисијата, а деградираните автори кои вложиле труд со месеци за да ги создадат своите дела, ќе бидат приморани да ја бараат правдата низ судски процес – се вели во соопштението на СОКОМ.