Дијаспората му врти грб на Груевски

,,Целосната власт, целосно корумпира”- му порача пратеникот од Австралија во македонскиот парламент Васко Наумовски на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски. Незадоволен од тоа што дијаспората се фузира во една изборна единица и што иселениците во Австралија нема да може да гласаат за свој претставник, Наумовски ги запраша сопартијците како ќе ги погледнат во очи кога ќе дојдат во својата матична земја.

На ова негово писмо објавено , реагираше СДСМ. Во соопштението велат:

,,Од отвореното писмо на Васко Наумовски и на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ им стана јасно дека е готово со Никола Груевски. Соочени со поразот што ги очекува на 11 декември, тие се поотворено го критикуваат раководството на партијата за криминалното и коруптивно владење.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Австралија Васко Наумовски објави писмо во кое отворено зборува за незадоволството од оваа власт во дијаспората, а кое го завршува со реченицата: Целосната власт – целосно корумпира!

Тоа за што говори денес Васко Наумовски некогашниот близок соработник на Никола Груевски, граѓаните го чувствуваат веќе десет години. Добрата вест за граѓаните е дека коруптивното владеење на ВМРО-ДПМНЕ завршува на 11 декември.

Новата влада ќе се посвети вистински на интересите на сите граѓани, вклучително и на иселениците од нашата земја”-се вели во реакцијата на СДСМ.

Во продолжение целото писмо на пратеникот од Австралија Васко Наумовски.

,,Во името на македонската дијаспора од И.Е. 9 сакам да ви пренесам дека не се сложуваат со фузирање на трите изборни единици во една изборна единица.

И тоа заради големи разлики.

Најпрост пример е тоа што САД ја има признато РМ под уставното име, за разлика од Австралија и Нов Зеланд кои што се уште се водат по одлуката на Обединетите нации.

И така, на прегoлемиот континент Австралија, многу е тешко да се остварат средби со целокупната македонска дијаспора од И.Е.9, а не па дополнително со И.Е. 7 и И.Е.8. Доколку се избере еден пратеник за дијаспора, територијално и временски е невозможно да се покрие и да се постигне. Затоа што ако сега има шест посети годишно, тогаш треба да има 18 посети во рок од 12 месеци. Тогаш отсуството во Собранието на РМ ќе биде преголемо.

Токму кога македонската дијаспора поверува дека во 2011 година ќе има свој претставник од дијаспората во Собранието на РМ, веднаш за пет години им ги намалуваме изборните единици, наместо да го зголемуваме бројот на гласачките места.

Наместо да им пружиме подобри услови за гласање и да го зголемиме бројот на гласачите места во дијаспората, ние им ги намалуваме изборните единици.

За разлика од РМ која е во радиус од 100 километри, а има шест изборни единици и илјадници гласачки места. Во Австралија, Азија и Нов Зеланд имамево моментот една изборна единица и само три гласачки места-Канбера, Мелбурн и Пекинг. Конкретен пример е Перт-Мелбурн со 5000 километри одддалеченост или Нов Зеланд до Австралија исто толку пат, единствено превозно средство со авион.

Затоа што со ова распуштање на Собранието, македонската дијаспора ги губи своите претставници, а за возврат им е наметнато од сегашните три пратеници да имаат можеби 1 пратеник.

Од водењето на ваквата политика, незадоволството е се поголемо…Затоа мои колеги е создадено и ФРОДЕМ, зарем ќе останеме слепи и глуви, зарем незадоволството на народот ќе го скриеме под тепих и после тоа ќе бидеме изненадени?

Не знам како ќе ги погледнете во очи истите тие Македонци од дијаспората кога ќе дојдат најчесто за летните одмори и кои придонесуваат за приливот на девизи во буџетот на РМ. Кој ќе ви биде изговорот за сето ова што јас го говорам?

Затоа пред да се случат изборите, порачувам барањата на македонската дијаспора да се исполнат во целост и да се овозможи секоја македонски државјанин да може да гласа, но не да патува со стотици или илјадници километри.

И за крај сакам да го прашам министерот и дополнителниот министер за внатрешни работи, до кога ќе го користат нефункционалниот систем за издавање македонски пасоши во дијаспората, односно дали се доблесни со заеднички напори да го променат и да воведат нов систем за издавање на македонските патни исправи во дијаспората со поставување базни станици во дипломатско конзуларните претставништва.

Затоа колеги мои, сите западноевропски земји ви порачуваат дека:

Целосната власт, целосно корумпира!”

Васко Наумовски е пратеник од дијаспората за ИЕ Австралија,избран на последните парламентарни избори 2014. Заради неговиот избор имаше големо незадоволство кај иселениците кои објавуваа низа докази за негови криминални дејства. Поранешната сопруга го обвини за насилство,а имаше инцидент и во канцелариите за социјална работа во Битола, а Наумовски беше обвинет дека физички нападнал вработена.