Доделени наградите ,,11 Октомври“ на Михајловски, Лазаров, Арсовски и Ставридис

 


Претседателот на Одборот за доделување на наградата ,,11 Октомври” , Драги Ѓорѓиев, денеска во присуство на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и други високи функционери, во свеченанта сала на Собранието на Македонија им го додели највисокот државно признание на Драги Михајловски, писател, Ристо Лазаров, писател, Перо Арсовски, aктер и Александар Ставридис – хирург. Во името на наградените  слово на благодарност упати поетот и новинар Ристо Лазаров.

НЕЗГАСЛИВИОТ ФАКЕЛ НА 11 ОКТОМВРИ
(oбраќање на Ристо Лазаров)

,,Доверена ми е голема чест да Ви се обратам со кусо слово на искрена благодарност, во името на сите овогодишни добитници на највисоката државна награда ,,11 октомври”. И притоа со гордост, сите заедно да се присетиме дека востаниците, партизанските востаници на 11 октомври смело и решително го најавија силно светнатиот ден, на Кочо Рацин кој и самиот се вгради во незаборавниот жртвеник на слободата, севезден повторувајќи, и на смртниот час повторувајќи: Ние ќе победиме! Еден друг македонски поет, кој исто така го положи својот живот со колоната на сонцељубивите и слободољупците, Мите Богоевски, пееше за Илинден како за македонскиот свет ден. Никола Јонков Вапцаров во екот на борбата крикна, да се чуе од Пирин до Шара: Слобода сакаме и без протекторати! Ацо Шопов,  за херојскиот строј на Третата македонска бригада чиј борец беше од првиот ден пееше: Ко челик сме ние… и Апостолски беше првиот во строј. Владо Малески во тие години ја напиша ,,Денес над Македонија се раѓа“, денешната химна на Македонија. Најмладиот од таа македонска поетска плеада на сонцељубивите, Ацо Караманов, кој своето полнолетство го остави таму некаде, во Малешевските планини, мечтаеше: Јас сакам да станам поет – динамит/поет на борбата/со рафал во душата/устремен напред кон утрешниот ден.

Ве посетувам на поетите партизани, не заборавајќи ни на соне дека тие, заедно со 120-илјадната македонска војска, беа подвижници на прогресот, беа длабокиот 11-тооктомвриски корен од кој широко се разграна дабот на нашата слобода и на нашата Асномска државност и на сé што донесе таа (македонската азбука и правопис на Блаже Конески, првиот универзитет, Македонскиот народен театар, Нова Македонија, Македонската радио и телевизија, училишта и јавни гласила на народностите итн., итн – се до независноста). Чест и гордост е да си во таа македонска колона на сонцељубивите. Така и го сфаќам јас, а верувам и другите пријатели, ова високо признание: како следбеничко чекорење по славните врвици на големите татковци на современото македонско општество; тие што во мракот го пробија патот до светлината; тие што од искушенијата правеа решенија. Затоа е и недоодлива таа патека на сонцељубивите и слободоносците. А да не заборавиме: тајната на слободата, од дамнини, се крие во храброста. Затоа за храбрите секогаш беше било подобро да се умре за слобода, отколку да се робува цел живот. Затоа и денес слободата не е ништо друго, освен шанса да бидеш подобар.

Слободата, отшто е со совест чиста, е и ширини широка да ги збере сите дарби и доблести на еден народ. За во неа катаден да никнуваат нови победи, зашто, се рекло – кога ќе победиш, ништо не боли. Иако се знае дека нема победа по поволна цена.

Со слободата одат и успесите, а тие пак, не се ништо друго освен трудољубивост, волја да се работи најдобро што можеме, она што го сакаме, со она што го имаме. Така, чинам, низ работата и со честитост се сака и татковината. Така се станува среќен, посреќен. А ако сте среќен – чуму ви е нешто друго?

Наградава ни се доделува во едно деликатно време. Среде нова битка сме – за иднината. Онаа иднина на која Кочо Рацин и го знаеше името: Куќа цел свет братски ми е.

Таа, иднината е избор на секоја победа. Стоиме, така, гордо, машки, пред високиот рид на вечната слобода, подготвени да кинисаме пругоре. На врвот, како планинарите што прават, сите ние, граѓаните од сите националности во татковинава, ќе го развееме македонското знаме сплотено со европското и неодложно ќе си припомниме на 11-ти октомври 1941-та. Тогаш се роди и знаменината песна на Оцката Михајловски ,,А бре Македонче“ и нејзиниот херојски, неизбришлив рефрен: Македонско име нема да загине. И нема да загине, без оглед кои било сејачи на магла и страв и нивните прокоби. Како што нема никогаш да згасне и слободарскиот факел на 11 октомври“.