Доктор за Груевски

 

 

Со големо нетрпение го очекував второто продолжение од мега интервјуто на Груевски и да бидам искрена цела ноќ око не можев да склопам мислејќи го дали уште кашла. Можам да замислам како е да имаш некоја болештија, а никој не може да ти го најде лекот. Па си викам-дали одел кај вистинскиот доктор? Тој можеби одел по доктори што лечат алергии, а него можеби болеста му е во главата. Не попусто рекол народецот, се е до главата. Ако си увртиш во психата дека имаш алергија и ќе имаш. Се нешто те чеша, те гуши во грлото, кашлаш. Па така и тој . Можеби си увртел дека тој е алергичен на есен и на зима, а не како сите на пролет и алергиите што ги носи поленот, и си кашла на секоја помисла на овие годишни времиња. Кој знае. Секој човек, различна приказна. Па така и Груевски.

Туку, секој што има алергија, знае колку незгодна може да биде таа. А посебно ако не може да се открие изворот. Мене, во еден дел од мега интервјуто, читајќи го по втор пат, признавам, ми се чинеше дека на пациентот што ги кажуваше симптомите , му доаѓа да каже дека е алергичен на некој човек, невладина ли организација, платенички новинар ли ќе беше или некој амбасадор, не знам. Ама така ми се чинеше.

И пак читам, ама тој новинарот што не се потпишува, но се интересираше за здравјето на Груевски, постојано спомнува еден збор-сорос па сорос. Да знаев кој е авторот на тоа мега интервју и да сум на местото на главниот уредник на порталот каде беше објавено, никогаш повеќе нема да му  доверам таква одговорна задача. Да правиш мега интервју со некој што е наша иднина, се бори со цел свет, странски платеници, домашни непријатели и предавници, корумпирани новинари и политичари, и да немаш почит за таа жртва, туку,  како слеп за стап се фатил и запнал-сорос па сорос. Па нели знае дека кога некој постојано ти повторува нешто, збор ли е или човек, сеедно-му велиш:-А бе доста веќе, алергичен станав на него. Да не му е од тоа алергијата на Груевски? Туку, кој знае, ќе мора да се најде соодветен доктор да ја даде дијагнозата.

И така барајќи го лекот за есенско-зимската алергија низ интернет, при обидот да проверам дали има алергија на сорос, ми излегува фотографија која ме освести. Па Сорос да ти бил Џорџ, Џорџ Сорос. А спроти него седнат Груевски, Никола Груевски. Е како сега пред 6 години во Прага седат заедно, половина негови блиски соработници, владини функционери , претседателот на државата биле финансирани од Отворено општество-Сорос, а сега тој сака да ги уништи?!

614a8329e2457040b2266043568d1ab6

Туку, мене нешто друго ми го привлече моето внимание на фотографијата, знам дека тие разговарале за декада на ромите, патем финансирана од Сорос. Што се случи со поранешниот амбасадор во Чешка Игор Илиевски? Да не вмешал Сорос прсти во неговиот случај? Да не го беше потплатил да го обвинува Мијалков за нелегални бизниси во Прага, па потоа елегантно го тргна од таму, непосредно по оваа средба овековечена на фотографијата?

Не, не е можно и за тоа Сорос да е виновен. Да не ме фаќа некоја параноја?

Какви доктори лекуваат ваква болест? За секој случај……

 

Емилија Лазаревска