Дојди Мерил во Македонијa

 

 

Убедена сум дека Мерил не знае каде е Македонија, ама и половина, ако не и повеќе од Македонија не знае која е Мерил.

И овие кои прв пат деновиве слушнаа за Мерил и нејзиното видување за Трамп, убедена сум, се прашуваат: што и требаше ова на Мерил, те еве Трамп веднаш и врати дека таа е една преценета подржувачка на Хилари, те дали сега режисерите ќе ја повикуваат, те дали Мерил ќе ја има истата цена, истата вредност во Холивуд и светот, те што се занесува да го нападне новиот претседател на САД……не разбирајќи дека Мерил е тоа што е, не само заради нејзината актерска игра, ниту заради 16 –те номинации  за најпрестижната американска филмска награда и  двата добиени Оскари, за 25-те номинации за Златен Глобус и 7-те добиени, двете Еми награди, петте  Греми номинации, наградите за животно дело.

Мерил е тоа што е, заради отвореноста, искреноста, моќна  заради храброста јавно да зборува за вистината. И да не беше Мерил, можеби ќе беше Кетрин Хепберн заради екстремниот феминизам  или Дајан Китон. Можеби Оливер Стоун или Мајкл Мур. Силата е во зборот, моќта е во моментот кога толпата ќе го стави прстот на умот и ќе се замисли.

И затоа ни треба Мерил. За да не замисли, да не протресе од корен, да не натера да го забележуваме  и она што не сме го забележувале, да реагираме на секоја неправда, на нечовечкиот однос кон нашиот сиромашен сограѓанин, кон гладниот и босиот, кон неправедно осудениот, кон се……за тоа што кај нас, ништо не е како што треба.

Затоа, ако е милостива кон човекот, нека дојде. И нека го запознае нашиот политички врв (верувам ќе се испотепаат за сликање со неа), нека  поразговара, нека ги запознае одблизу  и верувам, ќе заплаче над нашата судбина , ќе се смее на нашето ниско ниво  на јавна свест  и високиот праг на толерантност, на нашата несолидарност, неодговорност кон поколенијата и иднината на оваа земја.

После настапот гарантирано ќе биде обвинета  и етикетирана како човек на Сорос, ќе биде прогласена за  персона  нон –грата, дека Америка сака преку трети лица да ни се меша во внатрешните работи , дека е во дил со Асанж, дека вози жолто комбе со антени низ Скопје, дека му е пријателка на Фуере и дека појма нема дека ние сме најмоќната економија на светот, дека и неродените овде се вработени, дека, дека …….дека е ова земјата на  Александар , лулка на светската цивилизација, дека лекот за првут и опаѓање на косата го имаат од нас (оти Тито им го шитнал, без да не праша за авторски права) и да не мумла многу, за да не заврши во некој ендек.

После ова, убедена сум дека ќе направи преседан и ќе поднесе номинација до норвешкиот  Нобелов комитет, македонскиот народ  да добие Нобелова награда за мир (која е своевиден еквивалент на храброст да преживееш на корка, без збор да кажеш). Во чест на тоа, ние ќе изградиме Музеј со восочни фигури на сите добитници  на оваа награда: Даг Хамаршелд, Кофи Анан, Махатма Ганди (бил номиниран дури пет пати),Нелсон Мендела, Далај Лама, мајка Тереза, малата Малала од Пакистан ……На восок не штедиме. Ама  да се разбериме, Алфред го измислил динамитот ….и за него, тешко ќе оди!

Ајде размисли и дојди, со добро сценарио се прави филм за уште еден Оскар .

 

Дивна Јовковска-Ефтимовска