До 11-ти ноември проверете дали се наоѓате на Избирачки список

Од утре 29-ти октомври граѓаните со право на глас ќе имаат увид  во Избирачкиот список. Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 59. седница го усвои Извештајот за состојбата на Избирачкиот список и донесе заклучок да се даде на јавен увид.

Согласно извештајот, според податоците на Државниот завод за статистика, право на глас имаат 1.783.734 лица, колку што се регистрирани во Избирачкиот список. Покрај нив, јавен увид може да извршат и 29.858 лица чии записи се утврдени како спорни.

Според роковникот на ДИК, јавниот увид ќе трае до 11 ноември, а во тек е и постапката за собирање потписи за независните кандидатски листи.

Увид се врши на апликацијата Избирачки список што ја објавува ДИК, со внесување на име и презиме, единствен матичен број и адреса на живеење.

Во меѓувреме, уште тече рокот за пријавување на гласање на дијаспората. До денеска до 14 часот  во ДИК се пријавиле 2.099 граѓани на Република Македонија, кои се на привремена работа или престој во странство, заради остварување на своето гласачко право во ДКП-ата во странство кои ќе бидат определени за тоа.

Од ДИК информираат дека од 2.099 пријави колку што пристигнале преку електронската апликација, прифатени се 1.413, одбиени се 61, а 625 се во обработка.

Пријавувањето, кое трае до 11 ноември, може да се врши преку електронската апликација поставена на веб-страницата на Државната изборна комисија.