Писмо

(Се препорачува писмото да не се отвора пред да ве сместат соодветно. Да  се прочита кога најмногу ви е тешко, но максимално обезбедени и со добро затворени врати и прозорци. И извинете што  не можeме да го започнеме писмото вообичаено со – Драги криминалци, не оди. )

Дали се сеќавате колку години не лажете, мавтосувате, ни го перете мозокот со вашите наводни успеси, непоткупливост, чесност, грижа за граѓаните, се колневте во народот, од уста не го вадевте, му нудевете брда и долини, а богами и им дававте на многумина кои ви се колнеа на верност до гроб. Паметите ли? Јас да.

Се сеќавате ли како со помош на еден адвокат, кој сега е ваш лут противник, лажиравте ситуација за наводна непоткупливост на најчесниот меѓу вас, па тој, адвокатот, даваше драматична изјава дека непоткупливиот одбил 2-3 милиони евра од српски бизнисмен за да дојде до некое атрактивно земјиште за некакви делти и омеги, а овој, адвокатот кој сега не ги сака, наводно требало да биде посредник. Слободан, Ване, Валентин паметат.

Се сеќавате ли како парадиравте на групните владини прес конференции, во колона еден по друг, а потоа еден зад друг, зборувавте за успеси , шведско млеко, моше баум, инвестиции, онакви, планетарни, како никој во свет, а во првите борбени редови наредени вашите омилени новинарчиња, подготвени очи да ископаат ако некој се обиде да ве чепне со незгодно прашање? Душко не може да заборави .

Дали паметите како го изградивте најкриминалниот проект Скопје 2014, геноциден и монструозен и по големината и по политичко- историско-идентитескиот инженеринг врз сопствениот народ, во кој секојдневно се колневте? Како ноќе, шверцерски ги местевте стотиците споменици платени од наши пари и ниту еднаш не направивте свечено поставување на некој од тие грандиозни бесмислени кипови? Даница, Сања, Мирослав знаат и паметат.

Уживавте ли кога ги тепавте студентите на плоштад, паркобраните зад Бристол, кога ја демолиравте општина Центар, кога ни се смеевте гласно во лице затоа што баравме да сопре уништувањето на центарот на Скопје, бидејќи тој им припаѓа на сите нас и на оние во Скопје, и на тие во Тетово, Струга, Штип? Рамадан, Никола и Дивна не забораваат.

Дали ги слушавте вашите разговори во бомбите како се церекате, уживате кога нарачувате ливче да снема, лифтот да им се расипе старите да не можат да слезат да гласаат, Космос да се урне сите да гледаат, на Фијат да му тече низ ногавици, шамари да летаат неколку јаки пред сите, провизија да се земе, тендер да се намести, да му се даде и на оној што вози сеат, во мерџо да се возите, плацеви на Водно да ви изберат…? Ние, народот, да.

Колку медиуми затворивте, новинари оцрнивте, кариери уништивте, цели новинарски екипи сменивте со послушници што ги селите како компири од еден медиум во друг, колку полтрони произведовте, куртон вести направивте, колку прилози нарачавте, колку готови текстови им дадовте на тацна, колку сопственици на медиуми купивте, некои уценивте, кривични пријави им држите во фиоки? Прашајте ги Наташа, Зоран, Бранка, Весна, Емел, Анета, Мухамед, Младен, Југослав, Ленче, Насер, Горан, Марина, Соња, Емилија, Панта …..ќе ви кажат .

Дали знаете што направивте од новинарството, колку го уназадивте, колку го урнисавте, колку го деавторизиравте, колку го претворивте во пропагандна машинерија, пералница на пари и на човечки мозоци, колку ги дезинформиравте, лажевте, држевте во заблуда информативен мрак тие во кои се колневте? Паметиме, ќе ве потсетуваме .

Дали имате претстава како е да се работи во нерамноправни услови на пазарот, заради вашата смислена организирана елиминација на професионалните медиуми и новинари, игнорирајќи не, упатувајќи ни пораки дека кога ќе пораснеме ќе бидеме А1, а патем, тие пораки ги реализиравте, или кога прогласувавте непослушници за петоколонаши, предавници, кодоши, грчки платеници, лустриравте, оцрнувавте, камени плочи нарачувавте, до просјачки стап доведувавте? Точно знаевте и продолжувавте.

Дали знаете колку неправда нанесовте кога апсевте пред камери, кога новинар пикнавте во затвор, а семејството му го оставивте без егзистенција, кога тепавте новинари, кога им стававте венци пред домовите, кога сакавте да сокриете убиство, траги од друг автомобил, кога не остававте без работа, прогласувавте за технолошки вишок или вршевте мобинг до исцрпување, апсевте студенти, тепавте во библиотека, ги влечевте по полициски станици? Знаат и паметат Марина, Стефанија, Игор, Коле, Билјана…

Дали знаете дека ќе ви биде многу тешко, дека ќе ве излудува, ќе ве лути, збеснува, кога ќе сфатите дека не поминуваат спиновите како пред неколку години со сообраќајната несреќа на еден млад градоначалник, па жртвите на крај ги убедивте дека се привилегирани, затоа што ете ја имале таа чест да ги удри лично тој , претставникот на Великата партија. Никола,Диме, Борче, Гордана, Мартин, Сашо…навикнете се.

Дали се сеќавате дека Ласте го избркавте од работа затоа што службеното возило на царина го вратил неколку часа подоцна затоа што со него, како самохран родител, морал итно да го однесе болното дете кај лекар, а потоа за да ги исхрани мораше да продава се што има? Ласте и децата не можат да заборават.

Сепак, па  не е се толку црно. Ние нема да ве заборавиме и ќе мислиме на вас и кога физички ќе бидеме одвоени.

Ќе имаме до толку, за кутија цигари или наполитанки. Гратис од нас.

Искрено Ваш-НАРОДОТ!

 

Емилија Лазаревска