Државјанството не смее да се чепка!

Државјанството не смее да се чепка! Ова што го прави Касами од Беса е антиуставно, антидржавно и антимакедонско. Уште еднаш за тие што не разбираат или не сфаќаат, МАКЕДОНСКО е државјанство, а не етничка припадност. Исто како што се тепате за американско, швајцарско, австриско или бугарско државјанство и МАКЕДОНСКО е државјанство.

Белег на државата во која живеете, сѐ уште Република Македонија, а наскоро веројатно Република Северна Македонија. Ама пак Македонија. Таа е.

Јас знам дека на Албанците, најголем број од нив, ништо не им значи ова име, но исто така знам колку нам ни значи, ама правиме компромис заради сите што живееме овде и не е само промената на името. Многу добро знаат и Беса и Касами и други како нив, колку отстапки се направени. И кон Албанците и кон криминалците. Да ве потсетам на амнестијата.

Знам и што значи кога Заев ќе рече дeка со Договорот од Преспа конечно ги затвораме сите прашања со соседите, а во спротивно одиме во изолација, неизвесност и нестабилност. Но, чуму ти е и НАТО и ЕУ, ако овој државотворен елемент на македонската држава се распродаде за два гласа? Зарем малку беа пазарења и отстапки?

И зошто некому му пречи македонско во графата за државјанство, а на другите заедници во соседните земји не им пречи албанско, или бугарско или грчко или српско државјанство во графата од пасош?

Па белким не сакате уште да мислиме дека не се чувствувате како свои на своето и дека имате некои антимакедонски сепаратистички планови и идеи? Зарем?

Емилија Лазаревска, новинар