ДУИ бара комплетна двојазичност во Македонија за што се нужни промени во Уставот

Професорот по уставно право Осман Кадриу, кој бил консултиран од ДУИ за нивниот предлог за воведување двојазичност на цела територија на Македонија, тврди дека за она што го бара ДУИ е неминовно отворање на Уставот и промена во некои членови.

Според него, ДУИ бара двојазични табли на сите државните институции, двојазични патокази, печати, водење собраниска седница на албански јазик доколку председавачот е Албанец. Исто така, се бара министрите Албанци да имаат право на седници на Влада да се обраќаат на својот мајчин јазик, сите материјали да ги добиваат на овој јазик, потоа, сите судски процеси во кои има обвинет Албанец да се водат и на овој јазик.

Во интервју за ТВ 21 Кадриу открива детали од предлогот на ДУИ.

„Прашање кое е најпроблематично и околу кое има дијаметрално спротивставени стојалишта меѓу СДСМ и  партиите на Албанците, се постапките пред судовите и постапките пред управните органи. Се предлага да се овозможи во судската власт, во случаи кога учесниците во постапката се од албанска националност, судија, обвинител, странка, не само да зборуваат на албански, тоа и сега е регулирано, туку постапката да се води на албански јазик, а тоа е сложена работа и сложена постапка“, изјави Осман Кадриу.

Тој вели дека се бара интервенција во членот 7 од Уставот, според кој  македонскиот јазик е официјален на целата територија на земјата, но за официјален јазик и писмо се смета и јазикот кој го говорат најмалку 20% од граѓаните – да се потенцира дека станува збор за албанскиот јазик.

„Дел од тие барања кои се инкорпорирани во предлог законот за јазиците, излегуваат од Уставот. Треба да се направи дистинкција меѓу одделни прашања кои се уредуваат со закон, и тие прашања кои прво треба да се уредат со Уставот“, изјави Кадриу за Тв21.