ДУИ ги претстави кандидатите за пратеници

Демократска унија за интеграција на конвенција во Скопје ги претстави носителите на листите и кандидатите за партеници. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети е носител во шестата изборна единица. Во првата изборна единица листата ја предводи Артан Груби, во втората Ејуп Алими, во третата изборна Нафи Дурмиши, во четвртата изборна единица носител е Артим Спахиу, во петтата Агим Шаќири, а во седмата Џевдет Спахиу. На конвенцијата се презентираа целите кои ги има Демократската унија за интеграција доколку победи на парламентарните избори закажани за 11 декември. Во своето обраќање лидерот на партијата, Али Ахмети им порача на присутните дека гласот на граѓаните за ДУИ останува правилна одлука.

„ Изборите на 11 декември се клучни, бидејќи се решава за големи прашања. Ние сме со НАТО, со Брисел, со обединета Европа, со Вашингтон и со САД. Затоа, да си ја завршиме нашата работа и да излеземе уште посилни“, рече претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Пред присутните членови и симпатизери говореа носителите на листите, кои рекоа дека Демократската унија за интеграција е чувар на албанскиот народ и дека е дојдено време Албанците во Македонија да се изборат за уште поголеми права.

„ДУИ ќе биде победник на изборите на 11 декември. Сите анкети што беа направени јасно покажаа дека ДУИ ќе биде апсолутен победник, тоа го покажаа и анкетите нарачани од опозицијата. Предизвик на изборниот штаб е да го помине резултатот од 153.000 гласови освоени на изборите 2014 година. Наредниот преиод до 11 декември, ние ќе го посетиме секое село, секој град, ќе имаме средби со сите граѓани. Нашата порака е дека нема друга албанска политичка сила што може да ги води Албанците освен ДУИ и лидерот Али Ахмети“, рече Беким Незири, шеф на изборен штаб на ДУИ.

Ахмети, исто така, рече дека ДУИ продолжува да работи според принципот на градење и соработка, а не според принципот на уништување, како што целат другите политички субјекти на кои приоритет им е борбата против ДУИ.