ДУИ го бара мандатот од СДСМ?!

Рафис Алити од ДУИ во изјава за Тв21    побара СДСМ да им го препуштат мандатот доколку имаат сомнеж дека не се во состојба бргу да формираат Влада.

Тв21 известува дека Рафити побарал мандатот да им се препушти, доколку  СДСМ има некаков сомнеж дека не може да ја заврши таа работа, тогаш ДУИ ќе ја преземе одговорноста за формирање на нова Влада, изјави претседателот на централната комисија на ДУИ, Рафис Алити. Тој ги повика од СДСМ да го водат процесот, поради тоа што оваа партија има зад себе околу 70 отсто од граѓаните.

“Јас вината не ја гледам кај меѓународниот фактор. СДСМ е таа која ги побара потписите на албанските партии и сега таа е таа кој што треба да го води процесот. Доколку тие имаат сомнежи дека не можат да го направат тоа, нека го дадат мандатот на друга политички партија, во овој случај на албанска политички партија и секако дека тогаш ние би го воделе тој процес. Јас од СДСМ очекувам дека ќе се однесува достојно поради тоа што, со тоа што има 67 потписи, тоа значи дека зад СДСМ стојат 70 отсто од граѓаните, и никој нема право да игра со волјата на граѓаните во овој случај“, изјави Рафис Алити, ДУИ.

Иако прифатија ДУИ да преговара во име на сите потписници на Заедничката Декларација, за формирање на влада, од Алијансата за Албанците велат дека немаат коментар за тоа дали ќе го поддржат Али Ахмети како мандатар за формирање на новата Влада. Јасен став во врска со ова имаат и од Беса. Портпаролот на Беса, Орхан Муртезани, рече дека луѓето кои што се сомничат во случаите отворени од Специјалното обвинителство, немаат поддршка од неговата партија.

Денеска на својот ФБ профил претседателот на ЗНМ Насер Селмани, кој често излегува со мислење за политичката ситуација, но и конкретни предлози, упати критика кон СДСМ врз слична основа како ДУИ:

,,Еврокомесарот Хан вечерва преку соопштение јасно кажа што бара ЕУ.
На Груевски му порача дека нема компромис со изборните резултати и без тензии и говор на омраза да замине во опозиција. Место повлекување на албанската платформа, доби предупредување да не игра со оган оти може сам да изгори. Неговите тврдокорни можат да протестираат до кога сакаат, тоа е демократија.
Иванов го повика да се вразуми и да му врачи мандат на Заев. Време за губење нема!
По една заушка Хан им удри и на СДСМ и албанските партии. Одложувањето е неоправдано и тоа не се прави само поради одбегнување судир со Груевски, туку и заради политички калкулации!
Мудреците од СДСМ што три месеци не убедуваа дека странците го оспорувале процесот, не излажале. ЕУ не бара одложување, сака влада и реформи!
Појасно, здравје!“-напиша Селмани.

Што ја предизвика ваквата реакција на Рафис Алити, кога тие се заедно со СДСМ во процесот на конституирање влада низ институциите на системот, останува засега нејасно.

Координативната средба за избор на претседател на комисијата за избори и именување закочи заради барањето на ВМРО ДПМНЕ тие да го дадат претседатолот на ова тело.

Од друга страна, Беса веќе изјави дека тие ќе го дадат името на новиот претседател на Собрание на РМ, што секако е желба и на ДУИ.