ДУИ молчи, Груби го оправдува блокирањето на Парламентот

Петти ден молк во ДУИ откако изминатиот петок се собраа на претседателство во партијата и најавија дека интензивно ќе разговараат за изнаоѓање начин за деблокада на Собранието. Портпаролот Бујар Османи тогаш рече дека една од опциите кои сериозно се разгледуваат е излегувањето на нивните министри од техничката Влада, со што ќе се создадат услови  за избор на нова Влада. Но, отогаш молчат и во партија и во собраниските клупи.

И додека во  техничката Влада функционира коалицијата ВМРО ДПМНЕ-ДУИ, во Собрание на РМ пратениците на ВМРО ДПМНЕ го блокираат изборот на нова владејачка гарнитура, барајќи од СДСМ да се откаже од Платформата на Албанците, но такво барање досега немаат упатено до ДУИ на пример. Напротив, пратеници на ДУИ неколкупати ја прочитаа нивната платформа, со што само дополнително долееја бензин на огнот и ја поттикнаа реториката кај пратениците на ВМРО ДПМНЕ и нападите кон СДСМ.

Од друга страна, Артан Груби постојано провоцира со своите изјави. Пред неколку дена објави лажна информација дека Беса ги повлекле своите потписи од договорот за ново парламентарно мнозинство, што беше демантирано.

Сега во емисија на АлсатМ го оправдува блокирањето на парламентот од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека такво нешто правеле и ДУИ, но и СДСМ. Прашан за пораките на Туск и на високите претставници на Брисел за кризата, Груби во емисијата “200” го повтори својот став дека кризата во Собранието може да трае подолго од очекуваното, па дури и до четири години.

„Имавме многу пораки од Брисел упатени особено до Иванов и до ВМРО-ДПМНЕ за да се деблокира ситуацијата, за да не се држат во заложништво граѓаните, но и економскиот развој и мирот во земјата. Но, тие се оглушуваат на апелите, бидејќи ситуацијата која е во Собрание изгледа ќе трае долго и не само 2-3 недели како што мислевме на почетокот, туку според однесувањето на пратениците на ВМРО ДПМНЕ, ова може да трае и неколку години. Ова пракса ја користеа и СДСМ и ДУИ. Ви текнува кога г.Талат Џафери го блокираше законот за “бранителите“ со недели?” – изјави Артан Груби во емисијата ,,200“ на АлсатМ.

 

АКО.мк