ДУИ останува и со ВМРО ДПМНЕ и со СДСМ(видео)

Портпаролот на ДУИ Бујар Османи вчера во емисија на Тв21 повтори дека ДУИ се уште ја разгледува опцијата за излегување на нивните министри од техничката Влада со ВМРО ДПМНЕ. Но, сега за разлика од минатиот петок кога поуверливо тврдеше дека тоа е сериозна опција и дека постојат мислења во партијата и меѓу правниците дека напуштањето на Влада ќе ја деблокира статус кво ситуацијата, сега вели дека тоа не е точно и тврди дека таквата опција била производ на шпекулации во медиумите. Напуштањето на Владата , според последната изјава на Османи, би било само политичка одлука:

„Вреди доколку се гледа од аспект на давање на политичка порака, затоа не сме ја затвориле оваа тема, меѓутоа нема да има правни последици односно, тоа што се велеше во медиумите  дека ќе се  деблокира Собранието затоа што ДУИ има една – третина од министрите во Влада, и дека со нивна оставка  ќе падне целата Влада тоа не е вистина. Има политичка порака која што ДУИ  е подготвена да ја пренесе и со оставка на министрите  за да се покаже  дека нема никакво двоумење, и дека ДУИ ќе направи се што е во нејзина моќ за да креираат нови институции и да се материјализира новата коалиција со СДСМ“, изјави Бујар Османи.