Еве што може да користат студентите преку Законот за субвенциониран оброк

Парламентот го донесе законот за субвенциониран оброк, мерка која одамна ја уживаат студентите од Словенија и многу други европски држави.

Пратеникот од СДСМ, Александар Кирацовски, како еден од првите потписници на предлогот, објави сублимирано што значи овој закон.

,, Мерката НЕ Е и не смее да биде сфатена како политичка, ниту пак предизборна, туку како реална, неопходна и за волја на вистината прифатена од сите, буквално сите колеги пратеници во собранието.

Никој го нема правото да каже дека ви дал нешто што одамна ви следувало, ниту пак да прави PR од истото.

Туку ајде да се информираме што содржи мерката која барем во еден дел ќе овозможи достоинствени студентски денови.

1. Студентите за значително пониска цена ќе можат да се хранат во рестораните кои што ќе потпишат договор со Министерството за образование и наука за субвенционирање на студентскиот оброк.

2. Користењето на субвенцијата се одвива на два начин со користење на картица која МОН ќе треба да ја отпечати или по пат на мобилна апликација.

3. Во законот е предвидено дека под субвенциониран студентски оброк се подразбира храна односно јадење која е одредено приготвена, а во неа не спаѓаат: газирани пијалоци и брзата храна (хамбургери, пецивам, тостови итн.).

4. Согласно предложеното законско решение право на субвенциониран оброк имаат редовните студенти на додипломски студии на државните и на приватните универзитети, македонски државјани.

5. Субвенционираниот износ е 2.400 днеари месечно (120 ден. Дневно), кој ќе биде на товар на државниот буџет, а ќе се исплаќа на давателите на услуги кои што услужиле студент.

6. Давателите на субвенциониран студентски оброк ќе ги избира МОН преку спроведување на јавен повик.

7. Правото на субвенциониран студентски оброк студентите ќе имаат право да го користат секој работен ден од 8:00 до 20.00.

8. Правото не може да се остварува во периодот од 01 јули до 14 септември во годината во која е стекнато, како и за време на државни, верски празници и во неработни денови.

*За да нема злоупотреба на средствата исто така самиот закон предвидува дека средствата одобрени од МОН за субвенционирање на здрав оброк може да се користат само за таа намена, а регулирано е прашањето и за вршење надзор над тоа како се спроведува мерката“-објави Кирацовски.