Еден за Ќосето, сите за никаде…

Пишува: Емилија Лазаревска

 

99,8 % Македонци не беа чуле и  не знаеа кој е Ќосето дури не го поставија пред судот. Сега откако го тргнаа, слушнале за него речиси сите, ама уште не знаат кој е. Но, Мицкоски тука виде можност политички да профитира, па подготви дури и обраќање за јавноста и тоа видео. Па уште и се врти на ФБ -sponsored (платено). Ги нарекува СДСМ талибанци, ИСИС…демек Талибанците, ИСИС и СДСМ. Тие се. Терористите де, што го уништуваат културното наследство.

И читаш партиските војници коментираат – браво претседателе, таков претседател ни требаше, одиме на предвремени…Зошто? Затоа што Груевски, пардон, Христијан Мицкоски јуначки објави дека-,, едно е сигурно, ќе дојде ден овој споменик да биде поставен на местото на кое што заслужува, а исто така ќе дојде ден и кога оние кои ова го прават, ќе се срамат за своите постапки и во тоа ве уверувам“. И поентира дека – ,,Сето ова е дел од сценариото за дефокусирање од вистинските теми, а ниските страсти треба да ги покријат прашањата на кои се нема одговор, за жал“-вели Мицкоски.

Кое место го заслужува убиецот на 100 неистомисленици, за секоја година од неговиот долг живот по еден заклан Македонец, брат, соборец, но ете и непријател- Србин, Турчин, господине Мицкоски?

,,Ќосето во Алеја на заслужните кољачи на своите сонародници“….наслов од иднината којашто ни ја нуди Мицкоски. Тоа ли е најважното, најнеопходното, од витално значење за сегашните, минатите  и идните генерации Македонци? Или, сепак, можеби ќе го ставите пред седиштето на ВМРО ДПМНЕ, на плоштадот ВМРО, на денот на ВМРО-(врховистичка, тодоралександрова, ванчомихајловистичка, љубчовистичка, груевистичка…) 23 октомври? Па можеби и него таму ќе го преселите, зошто да не, Тодор Александров од Кисела Вода пред седиштето на партијата.

Морам да признаам дека ми се допаѓа оваа идеја, која еве сега ми падна на памет. Како ли само  ми текна? Ма, генијално.

Вистина, мостовите, катната гаража и улиците, не може да ги преселите пред Вашата палата, ама таблите со името на Тодор Александров, може. И тоа може да направите ,,Ѕид на братоубиствените јунаци на Македонија“ и тука да ги закачите на клинци сите табли со нивните имиња од објектите и јавни добра кои ги прекрстивте.

Е сега, не знам каде му е местото на Аминта, за него ниту беа чуле, ниту знаат, ниту па ги интересира 102,3 % Македонци. Ама па тој и не е од вмровските јунаци. Чудо големо за еден Аминта, ја бил, ја небил. Да нема забуна, другите народи и народности не ги спомнувам, затоа што ним ич не им е гајле за овие наши ,,големи“ јунаци. Тие не ни се мешаа во штипките.

Верно, цар Душан им ги стопли срцата на Србите, ги изнервира Албанците. Битно Артан Груби имаше каде и со кого да направи селфи.  И тоа беше најважно за ДУИ. Па не галии, ќе подржеа и Солунските атентатори да ги качат на нив и директно до Бело море да ги  испратат, само да не им чепка никој во нивниот дел од тортата. Не е важно што го утна јунакот. Та јунак е јунак.

Од тортата Македонија има за сите. Делете ја, парчете ја, пак ќе биде цела. Така ли беше онаа патриотската?

Е па, од таков патриотизам на овој народ му е преку глава. Се разбира, освен на оние ќосевци, партиски војници и бирократчиња кои мислат само на својот задник, ним им  е таман.

Нивните здебелени вратови и задници и така имаат природна амортизација, па веројатно не ги чувствуваат дупките на патиштата кога се враќаат за викенд во Крива Паланка, Берово, Делчево…не им пречи што за неполни две години, откако е реконструиран автопатот кон Велес, асвалтот веќе се рони, пропаѓа.

Па што е тоа за тортата Македонија? Ќе плати газдата колку треба. Што ако крадат од асвалтот, закинуваат од бетонот, го мешаат малтерот со многу песок и вода. Фасадите ги прават со стиропор, а ги наплаќаат како мермер. Ма што е тоа за нашата библиска Македонија? Ситница…

Некој рече Македонија? Република Македонија….

Ве поздрави Бивш автопат Александар Македонски.

 

За АКО.мк Емилија Лазаревска, новинар, freelancer