Еден милион евра изнесува штетата од пожарот крај Езеро Младост


Во пожарот кај велешко езеро, што се случи пред неколку дена, уништена е 50 години стара шума од црн бор, на површина од околу 200 хектари, уште 250 ха деградирано шумско земјиште, што вкупно изнесува 400-500 ха изгорена шума, односно околу 20 000 м3 дрвна маса. Според првите неофицијани податоци е причинета штета во износ од околу 60 милиони денари или 1 милион евра, информираше директорот на ЈП Национални шуми, Зоран Ѓорѓиев .


„Големиот пожар кој пламна на 26.08.2019 година во близина на селото Отовица(велешко) го зафати теренот на уредена Шумско стопанска единица ,,Езеро Младост“, стопанисувана од ЈП НАЦИОНАЛНИ ШУМИ, ПШС БАБУНА Велес. На овој терен доминираат претежно со црнборови насади, а шумата е стара 50 години. Го открија и интервенираа шумочувари од ПШС Бабуна, кои направија обид за гаснење и ги известија сите надлежни институции. Огнената стихија се движела со голема брзина заради поволните временски услови(високи температури, ветер) и за кусо време е зафатена голема површина под шума и објекти кои се наоѓаат во близина.И покрај ангажманот на сите вработени во ШС Бабуна- Велес и помошта од другите околни подружници во работна сила и противпожарни возила со кои располагаат, заедно со останатите институции (ПП екипи од околните градови, од велешкото јавно комунално претпријатие Дервен со цистерни и припадници на АРМ, локалната самоуправа водеа битка со огнените јазици кои поради ветрот брзо се разгоруваа и ширеа. Недостапниот терен исто така беше пречка за побрзо локализирање, па затоа тој се прошири и на неколку викендички и угостителски објекти во близина на езерото Младост.
И покрај сите напори, огнената стихија го зема својот данок“-рече тој.

ЈП Национални шуми секоја година согласно годишната програма за работа планира одгледни мерки, а најголем акцент се става на пошумувањето. Во 2018 година во есенскиот и пролетниот период пошумена е површина од 824 ха и засадени се 1.700.000 садници. Со годишната програма за 2019 година предвидени се 900 ха пошумување со околу 2 милиони садници.


,,Покрај нашите редовни пошумувања ЈП за есенскиот период согласно новонастанатата состојба со огромниот број на пожари, тимот од ЈП задолжен за санирање на опожарените површини и нивно пошумување и работи на изготвување на брз и координиран план за масовно пошумување и обновување на шумскиот фонд, а со тоа и враќање и ревитализирање на површините кои живот значеа за некои градови како што е пожарот во околината на езерото Младост.
Со активностите е планирано да се почне веднаш штом ќе се создадат услови за подготвување на почвата за пошумување, а во меѓувреме ќе се врши чистење на опожарената дрвна маса“-рече Ѓорѓиев.


Целта на ЈП Национални шуми со овие пошумувања е да се обноват и да се вратат еколошките функции кои ги имаа овие зелени површини пред да се случат овие катастрофи односно пожари, бидејќи секоја вредност на еден или на друг начин се надоместува, но за еколошката вредност се потребни години односно подолг временски период за да се врати на првобитната состојба. Затоа ЈПНШ во својот план кој го подготвува ќе го земе овој момент како важен при изборот на дрвните видови кои ќе бидат искористени за пошумување на овие опожарени површини.


,,За таа цел ги повикуваме сите градоначалници и локални самоуправи да се вклучат во овој план на ЈПМШ се со цел да се обноват што е можно поголеми површини.
За спроведување на овие мерки ЈП во координација со ресорното министерство и Владата на РСМ ќе изнајдат финансиско решение за оваа вонредна состојба. 

Се надеваме дека ваков случај нема да се повтори и јас уште еднаш го повторувам апелот кој го упатив во медиумите уште во месец март, каде што исто така имаше појава на голем број пожари ,,Да ги зачуваме нашите шуми”. Овој апел се однесува до сите граѓани кои влегуваат во шума, да го прават тоа со големо внимание и почит кон шумата, зашто и најмало невнимание може да предизвика несогледливи последици, а да не зборуваме за случаите кога намерно се подметнуваат пожари. За тоа нема никакво оправдување“-рече Ѓорѓиев.