Единствениот жив сведок на основањето на МАНУ, академик Ѓорѓи Филиповски, наполни 100 години

Единствениот жив од тројцата основачи на МАНУ во 1967 година, академик Ѓорѓи Филиповски, на 6 мај наполни 100 години.

По повод овој голем јубилеј, во 12 часот во Македонска Академија на науки и уметности, денеска ќе се одржи свеченост . Академик Филиповски, заедно со академиците Блаже Конески и Харалампије Поленаковиќ, беа тројцата членови на првата комисија задолжена за формирање на МАНУ.

Академијата е основана на 23 февруари 1967, а прв претседател беше академик Блаже Конески.

Академик Филиповски пред две години, на 98 годишна возраст, учествуваше на прославата на 50 години од формирањето на научната установа.

Тој ги воодушеви присутните со својата умствена, па и физичка виталност.

На бината се качи со помош на неговите внуци, но од говорницата половина час течно раскажуваше за почетоците на МАНУ, без потсетник.

Ова наиде на воодушевување кај присутната публика, која го пречека и испрати од бината со долготраен аплауз.

Филиповски зборуваше за несебичната помош на владата на Социјалистичка Република Македонија, која пред 5 децении широкоградо овозможила да се формира оваа национална научна установа и низ годините секогаш ја поддржувала.

Тој изрази жалење што денешните влади немаат чувство за науката. Рече дека МАНУ е независна институција и сите години, па и во еднопартискиот систем, одолевала на партиски влијанија и притисоци.

,,Тоа успеавме да го направиме дури и во последните 10 години“-забележа академик Ѓорѓи Филиповски.

Академик Филиповски важи за основоположник на современите педолошки истражувања . Неговите најзначајни активности од наставно-научната и општествена дејност се и сведоштво за почетоците на формирањето на првите високообразовни институции во земјата како Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“,  Земјоделско-шумарскиот факултет и МАНУ.

Објавил над 200 научни трудови и 19 монографии во наши и странски списанија. Две монографии му се преведени на англиски јазик во САД. Трудовите му се од повеќе области на педологијата, областа на географијата, генезата и класификацијата на почвите, како и од областа на мелиорациите и ерозијата на почвите. Негово капитално дело е „Почвите на Република Македонија“ во 6 томови во издание на МАНУ. Во 2016 е промовирана напишаната студија од 250 страници во која се објавени резултатите од седумдецениските истражувања на почвите на Република Македонија заедно со Педолошка карта.

Како експерт на ФАО бил во повеќе земји на Југоисточна Европа во врска со составувањето на педолошки карти, a како експерт на нашата земја престојувал во Египет во врска со користењето на водите од Асуанската брана за мелиорација на солените почви. Бил на специјализација, студиски престој или присуствувал на меѓународни и национални конгреси и држел предавања во Франција, Германија САД, Русија, Швајцарија, Велика Британија и во други земји.