Един Јакуповиќ: Директорчиња, ги претворивте театрите во јалови и некритички

Што се крие зад кулисите? Дали ќе преживее новата младешка енергија која ќе се избори да создаде нов почеток на вистинските вредности во театарот и уметноста и повторно ќе го вклучи светлото во театарот или ќе се  погреба театарот и душата на уметникот. Колку чини слободата на скомрахот ? ДА СЕ БИДЕ ИЛИ НЕ е денес  еднакво да се остане на својот став или да се биде тројански коњ на режимот. Партизацијата на институциите е толку длабока што веќе во културата во Македонија е укинат моралот како категорија, а кога ќе го укинете моралот тогаш се станува возможно.
За нас денес е нормално Театрите да се натпреваруваат во автоцензура или кој подобро ќе му се поклони и служи на режимот или на самопрогласената кралица во културата ( погодете кој ) ? Ја бојкотиравте младиската сцена ТДМ! Тажно е да се живее во земја во која има толку силна работна театарска енергија, која зрачи и освојува и наспроти нив на готовс спремни да се пресметуваат и со вистински куршуми, фигури кои глумат директорчиња по партиска заслуга! Кои ги претворија своите репертоари во јалови и тотално некритички, за жал дури и во функција на системот!
Скомрахот веќе не претставува никаква критичка енергија или бастион на независното мислење. Ние уметниците се уште живееме во време каде културните вредности ги диктира некаква перверзна естрада или исклучиво партиска мотивација. Во областа на театарот и филмот просечни комерцијални салони за венчаници станаа автори и еминентни костимографи! Сценоргафијата се работи на база – колку поевтина (небезбедна), толку подостапна на штиците што живот значат.
“Скрати на квалитет додај на тендер за сапун или хартија- не е битно каков е БИТНО ДА Е ТЕНДЕР” . Се исполнуваат желби во театрите на анонимуси од вчера регрутирана образовна институција која е расадник на партиски послушници. Раководителите на театарските институции наместо да се фалат со својот репертоар, тие се фалат колку и каква “тоалетна хартија” набавиле за својата институција. Скомрахот ако е независен, тој е и неподобен за системот, тој не смее ниту да помисли соработка со режимска институција!
За крај, да се помолиме на природата да не дојдат повторно поројни дождови бидејки скапо, прескапо платената аудио и видео опрема чувана во вашите евтини подруми во вашиот беден и евтин стиропор, импровизиран “грандиозен проект” може повторно да се поплават, а граѓанинот повторно треба тоа да го плаќа со илјадници и милиони чесно заработени народни пари. Во овие прашања се крие болката на секој од нас, за овие прашања треба јавно да се говори,  никогаш да не се повтори! За овој културолошки геноцид ќе одговарате!

 Един ЈАКУПОВИЌ, актер