Едно евро, живот

            Пред извесно време бев на предавање одржано во Гевгелија од економистот Бранко Драгаш.  Меѓу другото, тој на публиката и постави прашање која е разликата меѓу 0 и 1 евро, а потоа меѓу 100.000 евра и 200.000 евра. Многумина нагаѓавме, а поентата ја кажа тој.

            Доколку човек има 0 евра дневно т.е. нема ништо тој е осуден на смрт бидејќи нема средства за основната потреба – обезбедување на храна.

            Доколку човек има 1 евро дневно може да си купи леб и паштета, па дури и „бананче“ за десерт. И ќе преживее.

            Доколку човек има 100.000 евра ќе купува кавијари, ќе вози бесни автомобили, ќе шета по светот. А тоа би го правел и со 200.000 евра.

            Поуката беше дека разликата меѓу 0 евра и 1 евро е огромна или смрт и живот. А разлика меѓу 100.000 евра и 200.000 евра е никаква.

            Од тие причини, оние кои со децении се на власт во државите на Балканот народот го држат на 1 евро дневно, а тие кои имаат 1 евро дневно се најсигурните гласачи на истите кои го злоупотребуваат  нивниот труд и живот.

            А сето тоа, зашеќерено со ветувањата за убав живот во Европската Унија, се единствените јадици фрлени на народот.

            После информацијата за Ристе Бањоглав од Карбинци, која ја видовме вчера, се сетив на предавањето на Драгаш. Воедно, судбината на неговото семејство ја делат и многумина наши сограѓани низ Македонија. После оваа сторија, заврши приказната за социјалната држава, завршија ветувањата за „живот за сите“, завршија слаткоречивите ветувања дека во Македонија минатите и досегашните владетели воопшто размислиле како живеат нивните гласачи со 1 евро дневно.

            Ама, советниците на нашиве владеачи, сигурно ќе ги поучат работодавачите да го утешат семејството велејќи му дека ако нема за леб, може да јаде колачи.

            Дополнителен гнев кај народот предизвика писмото кое газдите на текстилните фабрики здружени во Текстилниот кластер, го испратиле до министерките за труд и социјална политика и за финансии Мила Царовска и Нина Ангеловска, но и до вицепремиерот Кочо Анѓушев. Во барањето на газдите навеле дека текстилните работници реба да работат по 8 и пол часа, за да може паузата од половина час да им биде платена и образложуваат дека сегашното работно време од осум часа односно од ефективни 7 и пол часа, како што велат, затоа што работниците имале и платена пауза, ги правеле фабриките неконкуретни во однос на тие од регионот. Во писмото се „бара и да се укинат празници за да нема дисконтинуитет во производството односно работниците повеќе да работат“. Но, не кажуваат дали за таквата работа обезбедиле соодвени услови, дали и што презеле против „немањето услови“ за неконкурентност. Тоа е не важно. Но, затоа важно е дека ги држите вработените на 1 евро дневно и тоа ви е многу да им платите.

            Па да, и текстилните работници би можеле да бидат утешени со историската сентенца на Марија Антоанета од 18 век, дека ако немаат за леб, може да јадат колачи.

            А покрај тоа, не можат ни да ветат дека Европа само што не им ги отворила вратите за народот подобро да живее.

Знам дека после судбината на ова семејство и писмото на газдите на текстилните фабрики, текстот што следува може да звучи како аздисување.

Но, не е.

Тоа е само показ за тоа дека доаѓањето на власт на одредени лица им служи за лично богатење, а ветувањето за зголемување на месечната плата на оние од кои го барале гласот за да седнат на фотелјите, го заборавиле истиот момент кога го оствариле својот СОН. Другите можат да сонуваат со очи широко затворени.

„Живот за сите“ беше одличен слоган, кој до первезија го преиначија во „Живот за истите“.

Така, на оние против кои се крена цела Македонија и ја понесе на свои плеќи Шарената револуција, на оние на кои им беше ветувано дека криминалците по закон ќе си одговараат за своите дела, на оние кои очекуваа дека нема да ги гледаат истите сурати поставени од ДПМНЕ за директори, секојдневието им покажа дека биле револуционери за еднократна употреба на СДСМ. И денес, покрај Вардар седат со кафето и цигарата во раце истите административци, чие работно место е клупата на Кејот, а работна задача да гласаат за своите владетели. Секако, тоа се истите оние кои ги паќаше народот како гласачи на ДПМНЕ, а сега можеби, гласачи на новите газди.

Секако, тука мора да ги имаме предвид и зголемувањата на пензиите за некој денар плус. А што да се каже за минималецот од 14.500 ден.  Ех, па тој е луксуз бидејќи обезбедува луксуз со нешто повеќе од 1 евро дневно за живот, секако сметките за домаќинствата не се есапат.

Штета што таа лоша Европа не ги отвори вратите за да можат, владетелите, со воздух и ветувања да му кажуваат на народот дека некогаш подобро да живее.

Автор: Катерина Тодороска