Еко герила-Преспа бара санкции за дивеењето на група Роми низ Ресен

Дали ние сме граѓани од втор ред и за нас важат законите на РМ, а за една група луѓе кои ги кршат секојдневно не?-прашува НВО Еко герила -Преспа, по вчерашното намерно предизвикување оган со стари гуми и друг отпад од страна на ромските семејства кои не дозволуваат екипи на ЕВН да ги исклучат диво приклучените домови од електричната мрежа.

,,По повод вчерашните настани, за кои што сѐ до сега очекувавме официјално соопштение од надлежните,  во најмала рака со објаснување на ситуацијата, сакаме да го искажеме нашиот револт од постапувањето на истите и неможноста да се справат со самоволието на една група на граѓани, коишто и покрај секојдневното прекршување на законите за ЈРМ, прекршувања од областа на заштита на животната средина, дрвокрадство и низа други противправни дејствија, се толерирани и не подлежат на никакви опомени, ни санкции, а камо ли на одговорност за сите прекршоци. Нема да се трудиме да ги наведуваме членовите по кои што би требало да се повикаат на одговорност, зошто тоа е работа на други органи, која очигледно се нема волја да биде извршена.

Па, следствено на тоа, прашуваме дали ние останатите сме граѓани од втор ред во оваа општина и држава? Зошто со толерирањето на нивните девијантни однесувања, се поттикнува неодговорноста, се дава до знаење дека постојат групи на граѓани кои што се над законите и кои се над сите останати.

Нам ни е веќе дегутантно практикувањето на ваквата селективност. И гледаме дека колку и да сме желни за институционално решавање на нашите заеднички проблеми, примерот што ни беше даден вчера, не води во сосема поинаква насока.

Дали би било исправно останатите граѓани да се решат на отпочнување на постапки за граѓанска непослушност, со која што би се изедначиле со оние кои се јавуваат како заштитена категорија погоре? Секако дека не, зошто така навистина ќе изгубиме сите. И тоа премногу.

Се надеваме дека ваквата срамна слика нема да се повтори, а Вие размислете како ќе се однесувате и постапувате во иднина и каква порака испраќате со вашите постапки кон граѓаните на оваа општина“-им се обраќаат на државните институции од Еко герила-Преспа.