Еко герила Преспа: Несфатлив е молкот на Министерство за животна средина за Преспанско Езеро

Активистите на Еко герила Преспа се вчудовидени од однесувањето на ресорното министерство и на министерот во однос на намалувањето на водостојот на Преспанско езеро.

,,МЖСПП, како ќе го оправдате молкот и непреземањето апсолутно ништо, при ваквата катастрофа која што му се случува на Преспанското Езеро?

Ова е последната активност на 25.02.2020 , ( на Министерство за животна средина), поврзана со ова прашање. И покрај пандемијата, можеа досега безброј он лајн состаноци да са одржат на државно и меѓудржавно ниво и да се преземе било што за барем да се забави, ако не може да се стопира повлекувањето. Ова е веќе алармантно. Во соседна Албанија прашањето стигна во Парламентот, кај нас ни локално на дневен ред на Совет. Барем да се спомнеше. Драги пријатели, да го кренеме гласот за спас на езерото! Веќе е предоцна, ама да не оставиме да ни исчезне пред очи“-повикуваат од Еко герила Преспа.

Што вети Министерство за аживотна средина во февруари:

,,Информација за активностите на МЖСПП за надминување на состојбите со Преспанското Езеро

(25.02.2020г.) Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека во континуитет ја следи состојбата со Преспанското Езеро и презема активности во рамките на своите ингиренции. Со оглед на прекуграничниот карактер на управувањето со Преспанското Езеро поради неговата географска поставеност и по спроведената ратификација на трилатералниот “Договор за заштита и одржлив развој на пределот на Преспа Паркот“од последната земја потписничка-Грција во 2019 година, со што истиот стапи на сила, Министерството се заложи да го иницира процесот на воспоставување на Комитетот за управување на Преспа Паркот и е во процес на обезбедување на номинации од страна на земјите членки: Северна Македонија, Албанија и Грција.

Во меѓувреме, користејќи ја веќе воспоставената меѓународна соработка на експертско ниво во рамките на проектот за овозможување на прекугранична соработка и интегрирано управување со водните ресурси во проширениот Дримски воден басен, Секторот за управување со водите во МЖСПП иницираше вонреден состанок на националните експерти од Дримската група за да ги разгледаат состојбите и да разменат сознанија и согледувања за начините за итно надминување на актуелните состојби со намалување на нивото на водата во Преспанското Езеро.

Истовремено, МЖСПП е во организација на тематска координативна средба на национално ниво следната седмица, на која ќе се соберат претставници од научната јавност односно научниот совет формиран за спроведување на Планот за управување со сливот на Преспанското Езеро, општината Ресен, Управата за хидрометеролошки работи, МЖСПП, граѓанските организации активни во регионот и сите засегнати страни во имплементацијата на Планот, за да разговараат за досегашните активности и можностите за подобрување на спроведувањето на мерките од Планот. Целта е во најкус можен рок да се изврши иницијална експертска анализа на причините за состојбата и можните следни чекори за следење и подобро управување со водостојот на Преспанското Езеро“.