Елек Штрауб и Андраш Балог ќе платат казна од 250.000 и 150.000 долари за подмитувањата во Македонија

Американската Комисија за хартии од вредност  SEC , соопшти дека двајцата поранешни раководители во Маџар Телеком Елек Штрауб и Андраш Балог се согласиле да платат парични казни за нивната улога во подмитувањето на политичари во Македонија и во Црна Гора за да добијат деловна предност и погодности на пазарот во областа на телекомуникациите. Тие исто така добија петгодишна забрана за извршување на дејност како директори во акционерски друштва, стои во објавата на СЕК.

Процесот го покрена Американската комисија за хартии од вредност пред судот во Њујорк, а врз основа на документи, сведоштва, лични и официјални преписки, транскрипти од службени седници, стенограми и тајни документи кои се дел од доказниот материјал во процесот кој пред Окружниот суд во Њујорк се водеше против поранешните водечки луѓе на Маѓар Телеком, Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи. Тие се обвинети за поткупување на владини функционери во Македонија во периодот од 2004 до 2006 година.

Случајот е продолжение на процесот кој Американската комисија за хартии од вредност (СЕК) го водеше против Дојче Телеком и неговата ќерка-фирма Маѓар Телеком под истите обвинувања – за поткуп на државни функционери во Македонија и Црна Гора со цел добивање на повластена позиција на пазарот.

Тој случај заврши со спогодба, откако Дојче Телеком и Маѓар Телеком се согласија да платат казна од околу 95 милиони долари во замена за прекин на постапката. Во истиот период кога заврши постапката за двете компании – декември 2011, американската комисија го покрена процесот за лична одговорност против тројцата функционери во унгарската фирма.

Целиот случај доби нови димензии откако беше објавено сведочењето на поранешниот разузнавач Слободан Богоески.Неговото сведочење беше тест за границите на досегот на СЕК во спроведувањето на Актот за практикување корупција на странци (ФКПА), кој забранува подмитување на странски службени лица во потрага по деловна предност. СЕК сметаше дека тоа може да донесе обвинение од ФКПА, и покрај тоа што ниту една од инволвираните компании, ниту поединците се во САД, бидејќи наводните плаќачи на мито користеле и-мејл адреса управувана од „Хотмејл“ на корпорацијата „Мајкрософт“, а електронските пораки минувале преку американски сервер, што го задоволува условот за меѓудржавна размена на законот. Таква апликација би упатувала на уште пошироко користење на глобалната корупција, за која критичарите на законот велат дека не била наменета да постои.

Случајот, исто така, беше критикуван од адвокатите на одбраната на Штрауб, Балог и Морваи за проширување на надлежноста на американските обвинители и на законот за застарување.

Со ова веројатно завршува неколкугодишната судска битка на американската Комисија за хартии од вредност пред судот во Њујорк, која преку илјадници страници докази и сведочења успеа да издејствува победа и да докаже дека е сторена повреда на законите за пазарно стопанисување. Меѓутоа, ова не значи и осуда на примачите на мито од македонските политичари .

Американската СЕК минатата година побара заштита за поранешниот разузнувач Слободан Богоевски  зради неговото  својство на сведок  во судската постапка која се водеше во САД против поранешните водечки функционери на „Маѓар Телеком“. Писмо со вакво известување испрати Американската Комисија за хартии од вредност (СЕК) откако Богоевски беше тужен од страна на првите на луѓе на ДУИ, Али Ахмети и Муса Џафери кои во сведочењето на екс разузнавачот препознале елементи на клевета.
Во август предминатата година, СЕК го отвори за јавноста исказот на Богоевски даден во рамки на постапката која се води против тројцата поранешни менаџери на „Маѓар Телеком“, Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Марваи пред судот во Њујорк. Во него, Богоевски меѓу другото тврди дека двајцата високи функционери на ДУИ примиле мито од „Маѓар Телеком“ од по 2,5 милиони евра.
Ахмети и Џафери тужеа поради ваквото тврдење и бараа отштета од 90 илјади евра.
Богоески се закани со контра-тужба против Ахмети и Џафери доколку не ја отфрлат тужбата, оценувајќи ја истата како обид за „амортизација“ на неговото сведочење во Њујорк.
„Самата тужба за клевета за исказ даден во судска постапка не е дозволена, тоа добро го знаат и тие и нивните полномошници. И според американското и според нашето законодавство тоа е казниво според кривичниот законик, казниво влијание врз сведоци во судска постапка. Ако не биде отфрлена веднаш ќе процесуирам кривична постапка против подносителите и сите што учествуваат во оваа постапка. Не можете да тужите никого за навреда и клевета за исказ даден во судска постапка“ изјави тогаш  Богоески.
Инаку, една од клучните причини за отворањето на сведочењето на Богоески во Њујорк за јавноста беше заминувањето на Сашо Мијалков од раководната функција во УБК во мај 2015 година.
„Како резултат на последните политички случувања во Македонија одредени високи владини функционери се сменети од функцијата, вклучително и шефот на Државната безбедност, за кого сведокот стравуваше дека ќе сака да се одмазди поради неговото сведочење“, се наведува во образложението на СЕК поднесено во судот во Њујорк, во август 2014 година.

Во целата афера како еден од политичарите кои директно учествувале во оваа коруптивна афера се спомнуваше поранешниот премиер Владо Бучковски, кој исто така пред три години беше во Њујорк да даде свој исказ.

 

АКО.мк