Естонија ќе стане првата држава во светот со бесплатен превоз за сите граѓани

Пет години откако беше воведен бесплатен превоз во главниот град Талин, Естонија планира оваа мерка да ја спроведе на ниво на целата држава, со што ќе стане првата држава во светот со бесплатен превоз за сите граѓани во земјата.

Граѓаните на Талин за бесплатен превоз се одлучиле преку референдум. Како што истакна директорот на канцеларијата на ЕУ во Талин, Алан Алакула, сега градот има поголем профит отколку кога превозот се плаќаше.

 – Луѓето сега почесто излегуваат во ресторани, на забави, во кина. Со тоа тие трошат повеќе пари и го развиваат локалниот бизнис – рече Алакула.

Талин во исто време спроведе мерката за зголемување на цените на паркинзите за локалното население,  а истовремено за тие што доаѓаат од внатрешноста на располагање се бесплатни паркинзи за да ги остават своите автомобили и да го користат градскиот превоз.