Еуроникел Индустри со зголемено производство, стартуваше втората печка

Една година успешна работа и реализација на инвестицискиот план одбележа  Кавадаречкиот комбинат Еуроникел Индустри.

По тој повод во фабриката присуствуваа, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев, претставници на деловниот и финансискиот сектор, локалната заедница, вработени.

Според премиерот Заев овој комбинат е клучен за регионот затоа што вработувал 1000 работници кои егзистираат токму од работата во Еуроникел Индустри, како столб во креирањето на бруто домашниот производ и е, на еден начин, мотор на економскиот развој.

–  Денес Еуроникел Индустри е производител на висококвалитетен никел, којшто успешно ги освојува пазарите во Европа, Азија и Америка. Тоа се пазарите на кои се извезува целокупното производство, со што компанијата се вбројува меѓу најголемите извозници од Северна Македонија. Од 624 милиони евра вкупната вредноста на странските директни инвестиции, 80 милиони се тука во Еуроникел Индустри”, истакна Заев.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев рече дека  овој комбинат во моментот произведува 5% од извозот во нашата држава, учествува во БДП на државата, а со новата инвестиција од 15 милиона евра во втора печка, ќе учествува уште повеќе и во БДП .

– Не е значајна само за вработените и сопствениците туку и за сите партнери коишто соработуваат, сите добавувачи, а тие се бројни и од земјата, но и од странство. Се најдобро и многу среќа во иднин,порача Анѓушев.

За само една година во кавадаречкиот гигант инвестирани се повеќе од 80 милиони евра а дополнителна инвестиција од 15 милиони евра е направена само во втората печка од производниот процес.

– Сведоци сме на рекордно брза реализација на инвестицијата и за само една година Еуроникел стана еден од најголемите извозници во државата. Комбинатот веќе е на пат и со крупни чекори се движиме кон подобро позиционирање на светските пазари од металуршката индустрија, изјави Маркос Камхис, директор на матичната компанија на Еуроникел, ГСОЛ.

Со спроведување на планот за реорганизација,Еуроникел само со работа на една линија постигнал производство од скоро 1500 тони никел месечно . Со пуштање во погон на втората печка планираното производство за идната година би било 20.000 тони годишно.

– Една година откако Еуроникел Индустри влезе во најобемниот инвестициски процес и со стартувањето на втората печка ја започнуваме следната фаза од работата на комбинатот. Со проектираните планови се движиме кон рекордни резултати и тоа ќе го доведе Еуроникел Индустри на врвот на фероникел производители во Европа. Со работата во изминатава година постигнавме многу, поддржани од поволната деловна клима, институциите и позитивните политики за привлекување на странските инвеститори, изјави Герасим Кујунџиев, директор на Еуроникел Индустри.

Еуроникел во моментов вработува околу 1000 луѓе, а дополнително ангажира повеќе од 200 локални транспортни компании и има база на снабдувачи составена од повеќе од 1000 домашни компании.

(propaganden tekst)