,,Еуростандард банка“ тврди дека се пласираат лажни информации, сопственикот Костовски ја обвинува Народна банка


Еуростандард банка АД Скопје ја известува јавноста дека во текот на денешниот ден се пласирани лажни информации кои се однесуваат на функционалноста на редовното работење на банката, а кои директно се на штета на самата банката и нејзините клиенти, се вели во соопштението.

,,За ширење на вакви шпекулации најгрубо се користи деловната мрежа на Македонска Пошта на РСМ како субјект со најразвиена бренд мрежа со што индиректно се обидува да се нанесе штета како на банката така и на целиот банкарски сектор, имајќи предвид дека преку Македонска Пошта на РСМ се врши најголемиот дел од платниот промет во земјата. 

Еуростандард банка најостро ги демантира овие невистини кои можат да имаат далекусежни последици кон банката и кон банкарскиот сектор како целина.” – информираат од Еуростандард банка.

Од Еуростандард банка потенцираат дека банката продолжува со своето редовно работење, заштедите на клиентите се безбедни, истите се осигурени во Фондот за осигурување на депозити, се почитуваат сите законски регулативи за финансиско известување и за управување со ризиците од работењето.

Денеска Народна банка и ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка.

Претседател на Управен одбор на Еуростандард банка е Горан Трајковски, поранешене директор на УЈП, а сопственик е Трифун Костовски.

-Народна банка цела година не држеше под строги мерки и не ни дозволуваше да работиме и да заработиме. Како можеме да ја подобриме состојбата на банката кога Народна банка цела година не држи под строги мерки. Ако не можеш да работиш, не можеш ниту да заработиш за да ја подобриш состојбата. НБМ не прифаќаше ниту еден од нашите предлози за надминување на состојбата и за евентуална продажба на банката. Ако веќе беа решени да не затворат, тоа требаше да го направат уште пред една година, а не за овој период уште дополнително да заглавиме со 15 милиони евра – вели сопственикот на банката Трифун Костовски во изјава за Фокус.

фото: фактор.мк