ЕУ и САД го поздравија изборот на Талат Џафери за претседател на Собрание

 

Мнозинството пратеници го избраа Талат Џафери за претседател на Собранието за време на редовна седница на Собранието. Ние ќе работиме со него за поддршка на демократијата и да ги унапредиме интересите на Македонија, објави амбасадата на САД во Скопје.

Амбасадата на САД  исто така  го осудува насилството во Парламентот во секоја смисла на зборот.

„Тоа не е во согласност со демократијата и не е прифатлив начин за решавање на разликите. Тоа е критично. Сите страни да  ги почитуваат демократските процеси според законите и ги повикуваме да се воздржат од насилни активности кои ја влошуваат ситуацијата“.

Осуда, повик за смирување и повик до полицијата да обезбеди безбедност за сите, е реакцијата на  високата преставничка за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини и комесарот Јоханес Хан.

„Со најсилни зборови ги осудуваме нападите кои се во тек врз членовите на Парламентот во Скопје. Насилството во Парламентот е целосно неприфатливо и повикуваме на смиреност и воздржување. Министерството за внатрешни работи и полицијата мора да осигураат безбедност во Парламентот и неговите членови.

Демократијата мора да продолжи по нејзиниот тек. Ние позитивно го поздравуваме изборот на Талат Џафери како претседател на Парламентот , се вели во реакцијата.

Европската унија е убедена дека политичкиот дијалог во институциите е единствениот начин да се оди напред и бараме од сите политички актери да го почитуваат Уставот во земјата и да се однесуваат во духот на демократските принципи, со здрав разум и пристојност”, се вели во реакцијата на Могерини и Хан.