ЕУ прави единствен пазар на електрична енергија

Планот на Европска унија е да направи единствен пазар на електрична енергија и тоа да почне да функционира во 2020 година. Националните пазари првин ќе се спојат во регионални, а сите земји и оние што не се членки, а се веќе кандидати, ќе добијат нови насоки за дејствување.

Единствениот европски пазар подразбира поефикасни енергетски претпријатија, а нивниот интерес ќе мора да биде на барање на алтернативни извори на енергија. Насоките не Унијата веќе се јасни, а тоа е подигнување на безбедноста на пренос на енергијата, отстранување на тесните грла на далекуводите со соседита, укинување на регулираната цена на енергијата и поголема грижа и заштита на сиромашните семејства.

Српскиот пазар на електрична енергија е најголем во регионот и има 96 лиценцирани трговци, но ниту едно семејство или приватен потрошувач не се снабдува од нив, бидејќи државата ја регулира цената.

Во Македониоја Регулаторната комисија за енергетика до 2014 година има издадено 51 лиценца за трговија, односно 6 лиценци за снабдување со електрична енергија. Организатор на пазарот е МЕПСО (Македонски електропреносен систем оператор) односно инстанца во рамки на оваа компанија која ги регистрира сите учесници на пазарот, води регистар и служи како логистика.

Од почетокот на 2016 година стартуваше првата фаза од либерализацијата на електрична енергија, откако владата го пролонгираше процесот и го раздвои во пет етапи за да го заштити стандардот на граѓаните со образложение дека цената на струјата ќе поскапи до 20 %. Потегот беше нотиран во извештај од Брисел, но и наиде на остри критики од Европската енергетска заедница. Сега, според владиниот роковник, целосната либерализација на пазарот на струја треба да се случи на 1 јули во 2020 година. Што ќе значи тоа за домаќинствата и малите потрошувачи во однос на цените засега е рано да се прогнозира. Познавачите сепак не очекуваат подрастични промени, посебно за домаќинствата, но само доколку регулаторот правилно ја даде цената на мрежарината која покрај цената на електричната енергија на пазарот е клучен елемент во формирањето на крајната цена за корисниците. Вкупно 156 мали потрошувачи на електрична енергија имаа можност да одберат од кој снабдувач ќе добиваат струја од 1 јули.

Пазарите на електрична енергија во Централна и Западна Европа веќе се интегрирани. Планот е и останатите земји од Западен Балкан кои имаат аспирации кон ЕУ да се придружат во наредните пет години.