Жерновски: Чашата е прелеана, трујачите на кучиња кривично ќе одговараат

Фрлањето отров за кучиња е кривично дело – беше констатирано на средба со Полициска станица  Центар и здруженија за заштита на животните, организирана од градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски.

На заедничкиот состанок со командирот на Полициска станица- Центар и претставниците на “Анима Мунди“, Асоцијацијата на активисти за права на животните и граѓани-љубители на животни заклучивме дека грозоморните слики од отруени кучиња ја прелеа чашата, бидејќи ова е опасност не само за миленичињата, туку и за луѓето, особено децата-вели Жерновски.

,,За спречување на оваа појава, заеднички се договорени, помеѓу другото, и превентивни мерки, како што се делење флаери со јасно напишана порака дека поставувањето  отров е кривично дело – предизвикување општа опасност и е казниво по закон.
Отровот се расфрла на јавни површини, тревници, паркови, детски градинки.
Се договоривме полицијата да биде присутна на терен и да се работи на едукација во наредниот период.
Командирот на ПС Центар, Дарко Милевски, беше дециден дека за вакво дело следуваат законски казни, односно дека тоа претставува кривично дело. Ќе нема толеранција, следуваат санкции“-изјави Жерновски.

Општина Центар нема изворни ингеренции за конечно и целосно решавање на проблемот со труење на животните, и затоа е неопходно вклучување на сите надлежни институции,  конечно да се преземат конкретни и решителни чекори за спречување на труење на домашните миленичиња.

,,Нема да дозволиме граѓаните и домашните миленици да бидат доведени во опасност. Секој кој ќе направи вакво нешто, треба да знае дека му следува казна“-додава градоначалникот на Центар.

Граѓаните кои ќе констатираат дека некаде има фрлено отров, треба да се јават во полициска станица, на телефонскиот број 192.