Жерновски ја донираше својата декемвриска плата во хуманитарна цел

Градоначалникот на општина Центар ја донираше својата декемвриска плата во хуманитарна цел, а вработените во општината одвоија финансиски средства и донираа пакети со облека и храна на социјално загрозени лица.

Општина Центар информира дека во изминатиот период организирале низа добротворни активности за помош на 100-тина деца кои потекнуваат од социјално загрозени семејства и живеат на територија на општината.

Околу 760.000 денари се собрани во овие хуманитарни активности, од кои 600.000 денари се донациија од самите артисти кои настапуваа на пречекот на Новата година на Сквер Јадран, организиран од општина Центар.

Граѓаните ја покажаа својата хуманост, велат од општина Центар, донирајќи средства на пултовите за донации, поставени на повеќе локации на централното градско подрачје.

Повеќе компании донираа средства на жиро сметката со назив “Помош за социјално загрозени групи“.
Општина Центар ги повикува сите центарци и правни лица да се придружат за да се внесе малку радост и топлина во домовите на овие деца.

До 5-ти февруари ќе биде отворена жиро сметката 7820141.22078540, со називот “Помош за социјално загрозени групи“.
Средствата кои ќе бидат собрани, транспарентно и јавно ќе бидат доделени на оние на кои им се најпотребни-информираат од општината.