Жерновски: Ќе се реформира последниот бастион на Груевски-судството

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со денешното одложување на судското рочиште во случајот “Демолирање на општина Центар“ и “Нарачани шамари од Груевски за Жерновски“, рече дека правдата доаѓа полека, но сигурно.

“Никој не веруваше дека Груевски ќе одговара и ќе оди на суд, но тоа се случува. Судството, кое е последниот бастион на Груевски, ќе мора да се реформира . Многу брзо работите ќе почнат да се враќаат во нормалниот колосек, а криминалците да одговараат. Персонификација на криминалот е Никола Груевски“, рече Жерновски.

На прашањето за тоа дали на Груевски му се брза за завршување на судскиот процес пред формирање на новата влада, Жерновски рече дека може и да му се брза, но има и друг суд, а тоа е судот на јавноста , тие веќе својата одлука ја испорачаа на последните парламентарни избори, каде ВМРО-ДПМНЕ во Центар загуби со 8.500 гласови разлика. Тоа ќе биде потврдено и на следните локални избори.

Во врска со идејата на Милчо Манчевски за ставање мораториум за градење во Дебар Маало, градоначалникот Жерновски рече дека е задоволен бидејќи граѓаните ја прифатија и ја користат платформата “Идеи за Центар“ за да можат сами да ја креираат својата општина.

“Немаме законска можност да се стави мораториум за градење во Дебар Маало за да се заштити овој дел од Центар од урбаната мафија, иако целосно ја поддржувам идејата. Сакам да истакнам дека во изминатиот период, откако е дојдено ова раководство, нема нови градби, а незаконски е да се оневозможат градби за кои инвеститорите веќе добиле дозвола од претходното раководство од ВМРО-ДПМНЕ. Во последните три години општината не изгласа ниту една нова градба во Дебар Маало. Ги повикувам на средба претставниците на иницијативата, како и секогаш досега и да најдеме заедничко решение за заштита на Дебар Маало, бидејќи ние сме на иста страна. Со недонесување на нов ДУП, иако не de jure, но de facto ставивме мораториум за заштита на Дебар Маало од урбаната мафија“, рече градоначалникот Жерновски.