ЖИВОТ

Кога ќе ја читате оваа колумна, вие ќе бидете на истиот портал, во кој навлегувавте од љубопитност, заради информирање, намерно, случајно, по грешка, на кој му верувате, или не, ве орасположуваше или нервираше, но, ќе признаете, никогаш не ве дезинформираше.

Толку можев(ме) за овие еден месец и половина, но, не е за потценување бројката од 65 000 корисници, имајќи ги предвид сите детски болести кои ги прележував(ме), трудејќи се да го фатиме чекорот со новиот предизвик, пред се, на технолошки план.

Имињата се важни АКО знаете како да ги носите, АКО не знаете, тогаш немаат никаква вредност. Исто како со човекот. Човекот го прави името, а не името човекот.

Километражата што ја имаме во новинарството и начинот на кој ја имаме изодено, ни е препорака на секој од нас, таква каква што заслужил секој во кариерата.

Како што се носи успехот и славата, потешко, но со многу повеќе исав треба да се носат грешките, неуспехот, неправдата, разочарувањето, иритирањето, потпикнувањето, сопнувањето, соголувањето.

Доколку се препознаете некаде во некој текст, некој контекст, тоа значи дека сте се препознале. Било така. Напишаното не е лага, се случило. Ако не ви се допаѓа, тоа не е проблем на тој што се сетил на тоа, туку на тој што го направил тоа. Доблест е да се живее со широко отворени очи и ум и да се трудите да го поправите тоа. Не можете да ги натерате луѓето да го заборават тоа. Уште помалку, можете да влијаете да се повлече тоа, или да не се објави. Посебно не, ако се обидете да влијаете на –новинар.

Што значи да се биде новинар во Македонија? Критичарите ќе ви речат-нема веќе новинари, сите се продадени, одработуваат за едната или за другата политичка опција, одработуваат за газдата, мешетарат, рекетираат, безрбетници, неписмени, бескруполозни лажговци…И веројатно се право, за секоја квалификација ќе се најде по некој примерок. Што правиме со оние побројните, кои свесно или не, молчат и одработуваат, иако не се согласуваат, но го прават тоа заради децата, заради гола егзистенција, за да не го изгубат парчето леб. Така велат и суштински, да, така е.

Дали оние другите, малубројните, кои нема да се препознаат или нема да ги препознаете меѓу погоре спомнатите, немаат деца? Или не треба да се хранат, облекуваат, егзистираат.

Што да очекуваат тие во иднина ако на секоја нивна критика, несогласување, гласно негодување, им ги пуштате јастребите од новоформираната дежурна, до ср’ж невоспитана банда , која черечи, плука, омаловажува, гази, токму по примерот на оние претходните против кои, навистина макотрпно се боревме. Дали знаете, дека сте на добар пат да етаблирате исти такви во вашите редови и политики?

Како ќе се справите со нив кога ќе добијат дополнителен ветер во грб, ако победите?

Грешките кои ги правиме, кога сме на одредени позиции, вклучувајќи ме и мене, се токму заради нас самите, но и заради неискреното однесување на тие околу вас, кои немаат петле да ви се спротистават или да ви кажат што мислат. Многумина, се разбира по природа се молчеливи или прилагодливи, да не речам полтрони.

Секој умен раководител, посакува искрени критичари, оној другиот, ги брка од себе и ги замолчува.

Затоа, приберете си ги јастребите. Не ги замолчувајте критичарите. Со нив, барем знаете на што сте и каде грешите.
АКО разберете, значи сте разбрале. АКО не разберете, значи веќе имате голем проблем.

И на крајот, да ве прашам, а кој не сака ЖИВОТ?

 

ЕМИЛИЈА ЛАЗАРЕВСКА